Лазов: Формирани 14 стручни комисии од почетокот на годината, 10 поради смртни случаи

27

Од 1 јануари до 15 август 2025 година од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) до министерот за здравство е побарано формирање стручна комисија во 14 наврати. Десет од нив се за починато лице, а четири се како резултат на претставки поради третман во лекувањето. Изминатата година имавме неколку барања за формирање комисија за стручен надзор до министерот и во неколку наврати имавме поведено и постапки за одредени здравствени субјекти, изјави вечерва директорот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Кирил Лазов.

Тој во Вести Плус на Канал 5 телевизија рече дека казните се различни, во зависност од тоа дали се работи за мал, среден или голем правен субјект. Информира дека во моментов во процедура се измени и подготовки на 11 закони кои се во надлежност на ДСЗИ и најголемиот дел од нашите закони, како што рече, се во поврзаност со Законот за прекршоци.

– Во моментов сметам дека казните не се на ниво, прениски се и како ДСЗИ во овој сегмент дадовме предлози за изменување и дополнување во делот на казнената политика, рече Лазов, додавајќи дека казните се од 1 000 до 10 000 евра за голем правен субјект, но согласно закон секогаш се зема најмалата казна, од 2 000 до 10 000 за голем правен субјект. Од 1 000 до 5 000 евра за среден правен субјект и за мал правен субјект од 50 до 500 евра. Дополни дека за случајот со починатите близначиња, Прилепската болница била казнета со 2 000 евра, а одговорно лице со 1 000 евра.

За случајот со младата девојка која починала пред неколку дена во Тетовската болница, Лазов информира дека по негов налог на 11 и 12 овој месец бил спроведен вонреден инспекциски надзор во Клиничката болница во Тетово и во избраната матична амбуланта, каде во три наврати, пред хоспитализација и во период меѓу хоспитализацијата починатата пациентка се лекувала.

-Ние како ДСЗИ во делот на надзорите ја следиме здравствената евиденција, медицинската документација на пациентот и земаме изјави од здравствените чинители кои биле во текот на лекувањето. И ја водиме хронолошката постапка на лекувањето, каде таа се лекувала и каква терапија примала. Во тој дел е направен извештај од ДСЗИ и не се констатирани недостатоци, а цела медицинска документација заедно со извештајот се проследени до министерот за здравство. Од наша страна е иницирано формирање комисија за стручен надзор која треба да утврди понатаму дали имало грешка во лекувањето, појасни Лазов. Додаде дека починатата пациентка два пати била на лекување кај матичниот лекар, вечерта била примена на Ургентен центар, каде била дадена терапија, пуштена на лекување, повторно била кај матичниот лекар и во неделата, пак, била примена, и се влошила состојбата и починала.

Лазов информира дека од 1 јануари 2025 година до денес се извршени седум инспекциски надзори во Детската клиника во Скопје, од кои три се редовни. – Имаме еден контролен надзор, каде имаме издадено решение за констатирање недостатоци и е постапено по тоа решение и три вонредни надзори. И оваа година при овие седум надзори од ДСЗИ не се утврдени недостатоци во делот на санитарно хигиенските услови, како во делот на болничките простории, амбулантно-поликлиничкиот дел и во работните простории. Лани имавме констатирано во тој дел и поведено постапка и согласно решение е постапено, изјави Лазов.

Прашан како да се стави крај на инфекциите во болнички услови, Лазов рече дека согласно закон сите микробилошки лаборатории се должни да пријават до надлежниот центар за јавно здравје, МЗ и ДСЗИ веднаш или најдоцна до 48 часа ако се утврдат причинители на заразни болести. Ова важи и за сите здравствени установи и во рамки на секоја болница има формирано комисија за следење на инфективните заболувања.

На новинарско прашање за починатите деца во изминатиов период, Лазов информира дека согласно закон стручната комисија ја формира министерот за здравство, која е непостојана и е само за одреден случај, а стручен надзор вршат и коморите, Лекарска, Стоматолошка и Фармацевтска комора. Посочи дека ги разгледувал регулативите, законите во соседството и во други земји. Во некои земји, како Финска, Велика Британија и Холандија, комисијата за стручен надвор е независна, надвор од МЗ, но е во корелација со инспекторксите тела. При изборот на оваа комисија има строги критериуми, како секој член да исполнува независност, стручност, се води грижа за транспарентнсот, за механизми за жалби. Додаде засега кај нас немаат ингеренции и оти има простор во оваа насока.

За случајот со родилката Јилдиз Веапоска од Дебар, Лазов објасни дека секогаш кога се формира стручна комисија се внимава да нема судир на интереси со случајот, со здравствената инстируиција или со здравствените чинители, а се бираат експерти од областа и смета дека во тој дел тоа е максимално што може да се направи.

За случаите кога специјализантите работат со печат на специјалистот, Лазов рече дека откако ја презел функцијата дал налог за инспекција на сите клиники и било наложено по трета година секој специјализант да извади привремена лиценца за да може да работи самостојно или да работи во присуство на ментор. Во овој дел поради пропусти била казнета Кумановската болница и била поведена постапка за порамнување.

Прашан за дијагнозата на јавното здравство, Лазов истакна дека треба работа и додаде оти е неблагодарно е да се даваат оценки. Посочи дека ДСЗИ е коректив во овој дел, вршат контрола и дејствуват превентивно.

Лазов не ја поддржува честата смена на министри за здравство. – Ние како ДСЗИ сме во корелација со активностите и политиките на МЗ и во овој дел имаме поинтегриран пристап заедно со МЗ, нема дуплирање на одредени процедури и секое ново законско решение е предизвик. Во моментов имаме и одредени недоречености, но ние сме тука за да ги надминеме. Засега соработката со министерот за здравство е одлична. Имаме неделни координации, разговараме за проблемите и честата смена на министри за здравство не ја поддржувам, рече Лазов

ИЗДВОЕНИ