четврток, јануари 29, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Лажни поштари им ги празнат картичките на граѓаните!

Лажни поштари им ги празнат картичките на граѓаните!

Врие од „фишинг-измами“, не кликнувајте на сомнителни линкови

187

Измамнички мрежи, преку СМС, е-пошта и „Вибер“, испраќаат лажни известувања за пристигнат пакет и бараат ажурирање на адресата и на податоците од картичката преку сомнителни линкови. Од „Македонски пошти“ предупредуваат дека не наплаќаат електронски и не испраќаат вакви пораки, туку оставаат известување во сандачето, а од полицијата потврдуваат дека станува збор за координирана „фишинг-кампања“ што постојано ги менува домените и дејствува на цел Западен Балкан

Измамничка мрежа од луѓе што може да дејствува и прекуокеански испраќа пораки до македонските граѓани за наводно подигање пакет во „Македонски пошти“.

„Важно известување од Пошта на Северна Македонија: Вашиот пакет пристигна во нашиот дистрибутивен центар, но не сме во можност да го доставиме поради недостиг на информации за адресата. За да избегнете дополнителни трошоци, Ве молиме ажурирајте ја Вашата адреса на posta.homes/mk. Доколку не ги ажурирате информациите, Вашиот пакет автоматски ќе биде вратен, а може да се применат дневни такси за складирање“, ваква порака со слична содржина досега добиле стотици граѓани, а дел од нив се пожалиле во Пошта.

Оние што очекувале пакет, пријавиле бидејќи знаат дека Пошта не врши електронско плаќање.

– Го знам тоа, но се прашував зошто беше во евра. Линкот беше чуден, но чекав пакет за новогодишните празници. Сепак, ги забележав оние чудни букви и симболи и сфатив дека станува збор за измама – вели скопјанка што не наседнала на измамата.

Сепак, има и такви што останале со празни банкарски картички, а Обвинителството води случаи за измама.

Лажните пораки се испраќаат преку СМС-порака, е-пошта, „Вибер“, а наведениот сајт на Пошта е еден од 50. што биле откриени лани како лажни. posta-ios.xyz/mk, posta-id.work/mk, ова се неколку од лажните интернет-страници на измамниците, кои ги наведуваат жртвите да кликаат. Доколку го прават тоа од мобилен телефон, патот ги води до официјалната страница на „Македонски пошти“, а преку компјутер – до лажно изработена интернет-страница, која е речиси идентична со вистинската. На крајот, целта на измамниците е иста: да профитираат од лековерноста на жртвите.

Дејан Николовски, раководител на ИТ-секторот во Пошта, вели дека до него редовно пристигнуваат пријави за пакети од лажни страници, кои ги препраќаат во Секторот за сајбер криминал во МВР.

– Ги информирам сите корисници да не наседнуваат на вакви пораки, да ги бришат, да не ги отвораат и да не комуницираат со никоја страница што не е на официјалната на Пошта, односно не е од posta.com.mk. Ако имате добиено електрoнска порака или порака на мобилен телефон, внимавајте! „Македонска пошта“ не испраќа пораки, туку во сандачето остава известување за пристигната пратка. Станува збор за лажни пораки, чија цел е упад во вашите банкарски картички – апелира Николовски.

Но, измамничките мрежи, уште познати како фишинг-напади, се толку лукави што само што ќе им се влезе во трага, ги менуваат името и домејнот. Некои дури закупуваат и заштита од официјални услуги, што дополнително го отежнува откривањето.

Полициските анализи потврдиле дека станува збор за континуирана и координирана кампања, реализирана од истите малициозни актери што користат Cloudflare-инфраструктура за прикривање на идентитетот и брзо обновување на домените и содржините. Не дејствуваат само во земјава туку насекаде на Западен Балкан. Во многу кратки временски интервали, регистрираат нови домени и ја реплицираат истата измамничка содржина.

– Преку пораките, граѓаните се наведуваат да кликнат на сомнителни линкови што нудат линк за наводна потврда – преземање пратка и бараат да ги внесат своите лични податоци, како и податоците за платежната картичка со цел кражба на личните и на банкарските податоци на граѓаните. Веднаш по приемот на пријавата, се известува надлежниот јавен обвинител и се преземаат активности во рамките на нашите надлежности и законски овластувања, а во насока на идентификување на сторителот на предметното кривично дело – велат од полицијата и апелираат до граѓаните да бидат претпазливи и да не внесуваат или споделуваат лични податоци, лозинки, податоци од платежни картички преку сомнителни пораки или веб-страници.

Итноста на пораката, правописните грешки, симболи се вообичаени знаци дека станува збор за измама, а ИТ-експертите во Пошта предупредуваат дека треба да се обрне особено внимание на содржината на линкот во пораката.

– Граѓаните прво треба да размислат дали навистина нарачале нешто од Пошта, ако е така, потоа да проверат преку официјалната страница на Пошта за следење на пратката. Од друга страна, ако го видат тој линк, ако е случајна низа од знаци и во него нема posta.com.mk, не треба да обрнуваат внимание и не треба да кликнуваат – вели Николовски.

Иако полицијата постапува по секоја поединечна пријава, односно  се блокираат интернет-страниците, сепак, поради природата на овие напредни и упорни закани, целосно и трајно прекинување не е возможно, бидејќи инфраструктурата се обновува автоматизирано и во реално време. Цел на овој вид измама може да бидат сите корисници на мобилни телефони. Сајбер криминалците најчесто добиваат броеви со хакирање на податоците на одредена компанија. (П.А.)

 Оперираат измамници и на „Фејсбук“

Освен преку лажни интернет-страници, и преку „Фејсбук“ оперираат измамници што се претставуваат дека се од „Македонски пошти“. Лажен профил на Пошта за малку пари им нуди на граѓаните да купат загубени пратки. „Побрзајте, останаа уште 700 пакети, сега може да купите три за 500 денари“, пишува во видеото што потекнува од некоја азиска земја, најверојатно Кина. Дека станува збор за измамнички профил, се забележува и од лошо преведените зборови на македонски. Но, тоа не било доволен сигнал, па во коментарите под објавата, граѓани ги оставаат телефонските броеви и адресата за нарачка. Од Пошта велат дека пријавиле на „Фејсубк“, но дека засега е тргнат само брендот, но не и профилот.

Српската пошта направи мобилна апликација за да се избегнат измами

Измамите со лажните пратки ја натераа Српската пошта да креира мобилна апликација преку која секој што ја симнал ќе може да го следи нарачаниот пакет сè до неговото пристигнување. Новата мобилна апликација е целосно бесплатна и обезбедува поголема безбедност и сигурност на корисниците, граѓаните добиваат известување дека пристигнала пратката, со што се избегнува можна измама.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ