Бројот на случаи во кои криминалци се преправаат дека се полицајци и на тој начин ги лажат постарите лица продолжува да расте во текот на 2025 година, објави полицијата.
Во првата половина од годината се регистрирани 6.496 инциденти, што е веќе приближно 78 проценти од вкупниот број од 2024 година, кога имало 8.329, пишува An-El Times (NL Times).
Во просек, околу 35 вакви случаи се пријавуваат секој ден, според официјалните лица.
Во овој вид измама, сторителите однапред ги контактираат жртвите, обично постари лица, преку телефон или писмо, претставувајќи се како полицајци.
Тие ги предупредуваат за наводни кражби во нивното соседство и тврдат дека и тие би можеле да бидат цел. Тие нудат „привремено да преземат“ вредни предмети, како што се готовина, накит или картички, за да ги „заштитат“.
Потоа доаѓаат лично, маскирани како полицајци, и го земаат имотот.
– Полицијата никогаш нема да дојде по вредни предмети, ПИН кодови или картички – предупреди националниот координатор за безбедност на старите лица, Сибрен ван дер Велден Валда.
Тој додаде дека многу жртви не пријавуваат измами од срам, што значи дека вистинскиот број на случаи веројатно е многу поголем.
Поради сериозните финансиски и емоционални последици што овие измами ги оставаат врз жртвите, како и заканата за довербата во институциите, полицијата заедно со радиодифузерот „Омроеп МАКС“ започнуваат национална кампања за подигање на свеста.
Кампањата го носи слоганот: „Дали е лажен полицаец или вистински? Проверете со повик на 112“.
Кампањата беше намерно започната на почетокот на летните одмори, бидејќи тогаш постарите лица често остануваат без помош од своите семејства.