среда, февруари 18, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Лажни лекари барале и по 35.000 евра од повозрасни жени

Лажни лекари барале и по 35.000 евра од повозрасни жени

Го знаеше името на снаата и на внуката, измамниците се добро информирани за семејните врски на жртвите

181

Шест обиди за измами на лажни лекари и полицајци биле пријавени на подрачјето на СВР – Велес во текот на 17 февруари. Пет случаи се евидентирани во Неготино, а еден во Велес, информираат од полицијата.

Во случајот пријавен во велешката полиција, 53-годишна жена кажала дека непознат маж телефонски контактирал со нејзиниот татко, тврдејќи дека неговата ќерка, во случајот таа, се здобила со тешки телесни повреди и дека е потребна итна операција, за која побарал да се донесат пари во болницата во Велес.

Останатите пет случаи биле пријавени во ОВР – Неготино, каде што лица на возраст од 69 до 78 години пријавиле дека добиле телефонски повици, исто така од машко лице, кое ги информирало дека членови на нивните семејства се повредени и дека за наводни оперативни зафати треба итно да се обезбедат пари. Побараните суми достигнувале и до 35.000 евра. Во дел од случаите, измамникот се претставувал како лекар, а во други како полицаец. На некои од жртвите им било побарано парите да ги однесат во здравствени установи во Скопје, а на други во болницата во Велес. Сите оштетени навреме се посомневале, стапиле во контакт со своите блиски и утврдиле дека станува збор за обид за измама, по што случаите биле пријавени во полиција.

Во два од случаите, сторителите се обиделе да измамат повозрасни жени од Неготино, барајќи по 20.000 евра за наводни итни операции на скршеници кај нивни блиски роднини. Во третиот случај, млада жена од Кавадарци била измамена за околу 3.000 евра под изговор за започнување заеднички бизнис.

Според полицијата, на 10 февруари, во 15:30 часот, 72-годишна неготинка пријавила во полиција дека добила телефонски повик од лице кое се претставило како директор на болницата во Велес. Тој ѝ соопштил дека нејзината внука има скршеница и дека за итна операција се потребни 20.000 евра. Во заднина се слушал женски плач, за кој било тврдено дека е од снаата, односно мајката. Откако жената и нејзиниот сопруг отишле во болницата и провериле, утврдиле дека станува збор за обид за измама.

Во меѓувреме, уште една 77-годишна неготинка пријавила слична измама. Ѝ било кажано дека нејзината ќерка е повредена и дека се потребни пари за операција. Жената се упатила кон такси, но по разговор со возачот и проверка кај зетот, сфатила дека се работи за измама.

Од СВР – Велес информираат дека се преземаат мерки за расчистување на случаите и дека паралелно се спроведуваат превентивни активности. Полициски службеници од Отсекот за превенција, како и од ОВР – Неготино и ОВР – Кавадарци, реализирале информативни средби со граѓани со цел едукација за препознавање и спречување телефонски измами.

Една од оштетените неготинки, во изјава за Македонската информативна агенција (МИА) вели дека иако парите не биле предадени, стресот и шокот останале.

„Измамниците се многу убедливи, располагаат со лични информации и точно знаат како да предизвикаат паника, особено кај повозрасните. Затоа е важно да не се реагира под притисок и веднаш да се пријави секој сомнителен повик“, кажала жртвата на измамниците. Од полицијата повторно апелираат граѓаните да бидат внимателни при комуникација со непознати лица и сите сомнителни случаи без одложување да ги пријават во најблиската полициска станица. (П. А.)

 

ИЗДВОЕНИ