Лажен лекар „дрпнал“ над 11 илјади евра од штипска пензионерка

Нова телефонска измама, стара полициска изјава: случајот се расветлува

502

На телефонските измами со лажно претставување на измамниците како лекари или полицајци им нема крај, причина не е само ранливоста на повозрасните граѓани, кои се најчеста цел, туку и слабоста на истражните органи во спречувањето и расветлувањето на овие кривични дела. Последниот случај од Штип, каде што била измамена 77-годишна жена за 700.000 денари (11.300 евра), повторно го поставува прашањето зошто, и покрај тоа што е позната шемата одамна, и понатаму дејствуваат сторителите речиси без ризик дека ќе бидат фатени.

Жената, според пријавата во СВР Штип, добила повик од лице што се претставило како лекар и ѝ соопштило дека нејзината сестра е во болница, со скршеница на ногата и дека е неопходна итна операција со вградување шипки. Под притисок од наводната итност, таа во неколку наврати однела пари на договореното место. Измамата била откриена дури кога се слушната телефонски со сестра си, сфаќајќи дека е измислена целата приказна.

Иако редовно се пријавуваат вакви случаи, јавноста ретко добива информации за тоа дали резултира истрагата со идентификувани осомничени. Формулацијата дека „се преземаат мерки“ останува најчестиот одговор од институциите, без податоци за конкретни чекори, обезбедени докази или за приведени лица. Во овој, ама и во многу од случаите со телефонски измами, парите се предавани физички, што логично го наметнува прашањето за видеонадзорот, сведоците и за следењето на комуникациите.

Само во последните месеци МВР објави неколку слични случаи: 82-годишна скопјанка измамена за 170.000 денари и 70-годишна битолчанка оштетена за околу 20.000 евра, што укажува дека не станува збор за изолирани инциденти, туку за организиран криминален модел. Истовремено, меѓународните статистики покажуваат дека околу 80 проценти од жртвите на телефонски измами се постари лица. Иако моделот на измама е одамна познат и речиси идентичен со десетици други пријавени случаи во изминатите години, јавноста повторно останува без одговор за тоа како е можно сторителите да располагаат со лични податоци, телефонски броеви и со информации за членовите на семејствата.

За разлика од домашната практика, европските полиции во Германија, Полска и во Велика Британија, со поддршка на Европол, неодамна разбија меѓународна криминална мрежа, која преку вакви измами нанела штета од над пет милиони евра. Беа уапсени десетици лица, вклучително и водачот на групата, а истрагата откри сложена мрежа на јавувачи и посредници, кои ги собирале парите од жртвите. Европол, по акцијата од 2023 год., соопшти дека измамниците, главно, ги имаат како цел постарите граѓани во Германија и во Полска. Тие се претставувале како полицајци или други владини претставници и ја информирале жртвата преку телефон дека член на семејството е одговорен за сообраќајна несреќа што резултирала со смрт или со повреда на други.

– Измамникот потоа го предавал телефонот на соучесник, кој плачел или врескал пред телефонот, молејќи ја жртвата да помогне – објасни Европол.

Потоа измамникот испраќал трето лице во домот на жртвата за да ги собере парите. Некои од овие „соучесници“ биле регрутирани преку онлајн платформи за работа и немале поим дека помагаат во обемна операција на измама.

Полицијата апелира до повозрасните граѓани дека полицаец и лекар никогаш нема да ве замолат да платите во готово затоа што член на семејството предизвикал или бил во несреќа. Потенцијалните жртви на ваквите телефонски повици треба веднаш да ја спуштат слушалката и да се јават во полиција. (П.А.)

ИЗДВОЕНИ