Ракометната репрезентација на Македонија со победа го отвори подготвителниот турнир „Жолт куп“ во Швајцарија и во првото коло беше поуспешна од Бахреин. По шеесет минути игра, нашите ракометари славеа со 32:28, откако во вистински момент покажаа сила и го скршија отпорот на противникот во последни петнаесет минути.
– Задоволни сме што сме на овој добар турнир, кој е силен и добар за подготовка за Европското првенство. Задоволен сум што победивме силна репрезентација, но не сум задоволен од играта. Се надевам дека на наредните два натпревари ќе бидеме многу подобри. Полека треба да се подготвивме за она што нè чека на Европското првенство – изјави селекторот Кирил Лазаров.
Најзаслужен за тоа беше капитенот Филип Кузмановски, кој со девет гола беше најдобар стрелец во нашиот состав. Покрај него, одлични во нашиот состав беа и Мартин Велковски, Иван Џонов и Ненад Костески со по пет гола.
Од групата во која е Македонија, Данска уште еднаш покажа зошто е фаворит не само во групата туку и на целиот шампионат. Актуелниот светски и олимписки првак запиша убедлива победа против Норвешка со 34:26. Португалија, пак, не успеа да го совлада Египет, и покрај тоа што имаше водство. На одморот водеше со 16:11, иако имаше позитива речиси до пред самиот крај, сепак, му дозволи на противникот да приреди пресврт за реми 31:31.
Македонија против Данска, на 16 јануари, го отвора Европското првенство, а два дена подоцна е мечот со Португалија.












