Ракометарот на македонскиот шампион Еурофарм Пелистер, Дејан Манасков се најде на списокот на селекторот ма македонската сениорска ракометна репрезентација, Кирил Лазаров за пријателските дуели со Јапонија, но објави дека во моментов нема простор за враќање во репрезентативниот дрес.
„Почитувани, Би сакал да ја информирам цела македонска јавност и сите медиуми дека во моментов, за доброто на националниот тим, нема да настапувам за македонската ракометна репрезентација. Ќе бидам искрен и краток во моето обраќање и објаснување на одлуката. Во изминатите единаесет години, колку што настапував за македонската селекција, секогаш со чест и гордост го носев светиот дрес.
Се борев и настапував секогаш со цело срце. Моите односи со селекторот Кирил Лазаров се нарушени и не гледам простор во моментов истите да се подобрат. Последните две години неправедно бев не повикуван.

После сè што дадов, чувствувам дека Македонија премногу лесно се откажа од мене. Тоа многу ме погоди и после долго размислување ја донесов оваа одлука. Им посакувам многу среќа и успех на репрезентативците во следниов период. Дотогаш ќе бидам ваш најголем навивач и поддржувач. До некое следно видување Македонијо!“, напиша на Фејсбук, Дејан Манасков.
Последен пат дресот на Македонија, крилото го носеше на СП 2023. Низ годините остави голема трага, се афирмираше како едно од најдобрите крила, но, за жал, не ја продолжува својата приказна во националниот тим.












