Ракометната репрезентација на Македонија интензивно се подготвува за Европското првенство, кое ќе започне за неколку дена, а селекторот и еден од најдобрите ракометари на сите времиња, Кирил Лазаров, непосредно пред почетокот на натпреварувањето доби нов договор.

Како репрезентативец со „седумката“ на грбот, во дресот на Македонија, тој постигна бројни рекорди, рекорди за кои многумина може само да сонуваат. Со репрезентацијата запиша неверојатни 1.728 гола и е трет на листата на сите времиња, зад Гудјонсен, Валур Сигурдсон и Петер Ковач, а е далеку пред играчите како Микел Хансен, Никола Карабатиќ, Талант Душебајев, Енди Шмид… Сепак, малкумина знаат дека тој, всушност, ја зел таа „седумка“ поради Црвена звезда и Роберт Просинечки.

– Најважен спортски настан во моето детство беше дербито помеѓу Црвена звезда и Партизан. Не можеше сè да се гледа на телевизија како што може денес. Имавме радио и се собиравме околу него. Слушавме и замислувавме што се случува на теренот. Мораше да ја развиеш својата имагинација. Во Свети Николе имаше многу навивачи на двата клуба и многу меѓусебни тепачки. Тоа беше основната поделба. Секако, имаше навивачи на Вардар и неколкумина навивачи на Динамо и на Хајдук. Сепак, најголемо дерби беше она во Белград. Добро се сеќавам на европската титула на Црвена звезда во Бари. Пред тоа, татко ми се качи на воз за Белград за полуфиналето со Баерн, кога се отвори небото пред 90.000 луѓе во последната минута, а навивачите потоа, во еуфорија, излегоа на теренот, кинејќи ја тревата и носејќи ја дома како сувенир. Голот на Дарко Панчев на стадионот „Свети Никола“ во Бари е незаборавен. Го имав неговиот дрес на Вардар со бројот „9“. Во семејниот албум остана сликата од фудбалското игралиште Овче Поле: малиот Кире во дресот на Дарко и со „Златната копачка“ – пишува тој во својата биографија „Секогаш до победа“.

Десниот бек, кој играше за Пелистер, Загреб, Веспрем, Сиудад Реал, Атлетико Мадрид, Барселона и за Нант, покрај Македонија, го предводи и Алкалоид.

– Пораснав со неверојатна кошаркарска генерација како Дражен Петровиќ, Дивац, Раѓа и Кукоч. Последната југословенска генерација. Го обожавав Тони. Тој стил, лева рака, шут од далечина, додавање, техника, нешто слично на она што го имаше Бодирога подоцна. Тони играше во тимот со Петар Наумовски. Како личност, одличен човек, смирен, никогаш претерано среќен, никогаш не го гледавме вознемирен. Секогаш смирен, со мирна рака, постигнуваше тројка, дриблаше и полагаше на обрачот. Играше со глава, беше мајстор. Поради него и тренерот Илија Јанев, пријател на татко ми, кој сè уште ја води ракометната школа во Свети Николе, го избрав бројот „седум“. Роберт Просинечки, исто така, го носеше бројот „седум“. Го имав и бројот „десет“ на Драган Стојковиќ-Пикси. Во продавницата на мајка ми се продаваа дресови на Црвена звезда, на кои можеше да се залепи број со пена. „Седумката“ и „десетката“ беа мои омилени. Го обожавав и Дејан Савиќевиќ. Какви креативни луѓе! Само еднаш се раѓаат такви играчи – вели Лазаров.

За Кирил Лазаров не треба да се трошат премногу зборови. Македонија своевремено се радуваше за неговите успеси во Лигата на шампионите, подигнатиот трофеј со Барселона на ова натпреварување, а особено за постигнатите голови за нашата селекција. Во 2009 година, кога постигна 92 гола на Светското првенство во Хрватска, ги помести сите граници, беше и најдобар стрелец на Евро 2012 во Србија, кога постигна 61 гол, дури 13 повеќе од второпласираниот Драган Гајиќ.

Едно е јасно, македонската јавност во наредните денови ќе трепери во ритамот на ракометната репрезентација. Нашата селекција е во Групата – Б заедно со селекциите на Данска, Романија Португалија.

 

ИЗДВОЕНИ