Само еден ден откако Македонскиот олимписки комитет (МОК) ги промовираше имињата на спортистите што ќе ги бранат боите на нашата земја на Зимските олимписки игри во Кортина и Милано, еден од учесниците, Мирко Лазарески, падна на допинг-тест.

Од МОК ја потврдија оваа информација и воедно потенцираа дека на местото на Лазаревски, во олимпискиот тим ќе влезе Виктор Петков.

  • Во интерес на објективното и вистинито информирање на граѓаните и на спортската јавност, а со цел да се почитува во целост законската процедура што нè обврзува, ја пренесуваме официјалната информација доставена од Националната антидопинг-организација (НАДО МКД) во врска со промената во олимпискиот состав за претстојните Зимски олимписки игри. Врз основа на официјалниот извештај пристигнат од акредитираната лабораторија во Сеиберсдорф, Австрија, во еден од двата примероци е утврдено присуство на забранети средства кај спортистот во алпско скијање. Како резултат на строго и прецизно пропишаната процедура на ВАДА, до конечна потврда на наодот, процедурите предвидуваат времена суспензија на спортистот и се активира механизмот на замена од претходно утврдената листа на потенцијални кандидати. Согласно со овој официјален систем на рангирање, следен спортист со исполнета олимписка квота е Виктор Петков, кој по процедурален пат станува дел од официјалната делегација – соопштија од Македонскиот олимписки комитет.

Инаку, Македонија ќе се натпреварува на Олимписките игри во Милано и Кортина со четворица скијачи, од кои двајца во алпско и двајца во нордиско скијање.

Во нордиско скијање, поточно спринт и трката на 10 километри со интервален старт, ќе нè претставуваат Ана Цветановска и Ставре Јада. Во алпско скијање, во слалом и во велеслалом ќе настапат Јана Атанасовска и Виктор Петковски.

ИЗДВОЕНИ