Фестивалот се отвора со најновиот филм „Кога летото ќе помине“ (My Late Summer) на оскаровецот, босанскиот режисер Данис Тановиќ. Во чест на лауреатот, на првиот ден од фестивалот во амфитеатарот во Дојран ќе биде прикажан одбран филм на Ристовски, а ќе следува и разговор со големиот актер во кој ќе може да се вклучи публиката

Српскиот актер со македонско потекло, Лазар Ристовски, е добитник на наградата за врвно актерско достигнување во уметноста на филмот „Мето Јовановски“ на Фестивалот на балкански и на медитерански филм „Преку езерото“, чие четврто издание годинава ќе се одржи од 7 до 12 август во Дојран.

Лазар Ристовски, (роден 1952, во Војводина) глумел во повеќе од 90 филмови и 30 ТВ-серии, претежно во главни улоги. Има остварено исклучителни улоги во два македонски филма – „Јазол“ на Кирил Ценевски и во „Збогум на 20 век“ режиран од Дарко Митревски и Александар Поповски, но игра и една од позначајните ролји во култниот филм „Буре барут“ на македонскиот сценарист Дејан Дуковски. Во својата речиси петдецениска кариера беше и сè уште е дел од најважните филмски случувања на Балканот и на Медитеранот. Добитник е на бројни награди и признанија на речиси најголемите филмски фестивали во светот, на Балканот и во Србија. Основач и директор е на филмскиот фестивал „Дуго село“, кој се одржува во Војводина.

Во чест на лауреатот, на првиот ден од фестивалот во амфитеатарот во Дојран ќе биде прикажан одбран филм на Ристовски, а потоа ќе следува разговор со големиот актер во кој ќе може да се вклучи и публиката. Избрана селекција од најголемите негови остварувања како и негово претставување ќе има и во Гевгелија.

Објавувајќи го името на Лазар Ристовски – годинашниот лауреат, Јани Бојаџи, директор на фестивалот „Преку езерото“ на денешната прес-конференција посочи и дека наградата е во чест на нашиот голем актер, Мето Јовановски (1946 – 2023).

– Го познавав Мето Јовановски професионално, веројатно само јас и Столе Попов сме снимиле по три филма со него како актер. Но го познавав и приватно, како човек, бевме пријатели, се дружевме за арно и за лошо. Тој е еден од оние последни југословенски филмски приказни кои доаѓаат од Македонија. Факт е дека тој и како актер и како човек на просторите на бивша Југославија секаде беше препознаван како свој. Сум го доживеал тоа и во Словенија, Хрватска, Босна, Србија, Црна Гора, Бугарија. За жал, нè напушти трагично и прерано и сакаме во негова чест да продолжиме да ја доделуваме оваа награда, рече Бојаџи.

Додаде дека пред повеќе од десетина години, иако имало идеја да се направи филм во кој заедно ќе се појават Јовановски и Ристовски, тоа не се реализирало.

Уметничкиот директор на фестивалот, Небојша Јовановиќ, на прес-конференцијата, пак, ја претстави официјалната програма на фестивалот.

– Главната натпреварувачка програма на долгометражни филмови годинава ќе донесе шест свежи, медитерански приказни кои во себе носат силна провокација за сетилата на гледачите во визуелна и наративна смисла, но и особена актуелност за она што се случува околу нас. Изборот на филмови го правев да има тематска разноликост и културолошки диверзитет, преку застапеност на повеќе културни матрици, односно, филмови кои ги спојуваат културите кои до скоро како да немаа допирни точки, истакна Јовановиќ.

„Кога летото ќе помине“

Фестивалот се отвора со најновиот филм „Кога летото ќе помине“ (My Late Summer) на оскаровецот, босанскиот режисер Данис Тановиќ, и е копродукција меѓу Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина. Тоа е семејна драма во која Маја пристигнува на мал остров за да го реши прашањето за семејното наследство. Филмот го отвори и Сараевскиот филмски фестивал минатата година.

Во главната програма ќе се прикажат и романскиот „Новата година која никогаш не дојде“ (The New Year That Never Came) на Богдан Муресану – ангажиран филм со детален увид на последните денови од владеењето и падот на Чаушеску и комунистичкиот режим во Романија во 1989 година кој ја разработува темата на автоцензура. Потоа, грчкиот филм „Месо“ (Meat) на Димитрис Накос. Во приказната, вкоренета во античката грчка трагедија, патријархот мора да одлучи за судбината на својот син и момчето што го одгледал кога долгогодишна меѓусебна расправија се претвора во убиство. Проекција ќе има и на италијанскиот „Каде било, кога било“ (Anywhere Anytime) на Милад Тангшир. Филм на ирански имигрант во Италија во кој млад човек од Африка преживува по улиците на Торино како доставувач. Кражбата на неговиот велосипед предизвикува низа настани што му го менуваат животот.

„Помеѓу боговите“

Петтиот филм од програмата е „Помеѓу боговите“ (Dwelling Among the Gods) на младиот режисер Вук Ршумовиќ од Србија, во кој впечатлива ролја остварува нашиот актер Никола Ристановски, како главна машка улога. Филмот е за млада Авганистанка која доаѓа во Белград на врвот на мигрантскиот бран и дознава дека нејзиниот помлад брат се удавил во реката три недели претходно. Интересно е што македонскиот актер во 90 отсто од улогата зборува на персиски јазик, фарси. И како шести филм во програмата е словенечкиот „Мали палави девојки“ (Little Trouble Girl) на Уршка Џукиќ во кој се истражува сексуалноста во словенечкото општество.

Во официјалната краткометражна програма, пак, ќе се прикажат 18 остварувања од речиси сите медитерански земји, меѓу кои и три македонски премиери каде се и дипломски филмови на завршени студенти, млади македонски режисери продуцирани од фестивалот „Преку езерото“. Во офф-програмата организаторите најавија и проекции на детски анимирани филмови. Фестивалот ќе се одвива во амфитеатарот во Дојран, во Градскиот парк и Музејот на Град Дојран.

Филм за затворање е „Стелиос“ за грчкиот пејач Стелиос Казанцидис, со жирито ќе претседава минатогодишниот лауреат на „гран-при“ за најдобар медитерански долгометражен филм, режисерот Христос Пасалис од Грција, а членови ќе бидат и двајца филмолози и филмски критичари од Македонија и од регионов. (Н.И.Т.)

ИЗДВОЕНИ