„Разликата во актерите е во тоа колку се храбри да копаат по себе, и по својата психа. Оние што се храбри тоа да го направат подлабоко, пожестоко – тие излегуваат поголеми актери“, вели српскиот актер со македонско потекло, Лазар Ристовски кој денеска престојуваше во Скопје. Тој е добитник на наградата за врвно актерско достигнување во уметноста на филмот „Мето Јовановски“ на Фестивалот на балкански и медитерански филм „Преку езерото“, чие четврто издание се одржува деновиве во Дојран

– Нема, всушност, никаква разлика да се работи на филм од Балканскиот Регион, во однос на некоја западна продукција, освен во хонорарите и условите за снимањето. Сè останато се случува на релацијата меѓу актерот и режисерот, и релацијата со неговиот актерски партнер. Кога актерите ќе се погледнат во очи, веднаш знаат и без да изустат еден збор кој појас во каратето (актерството) го носат, дали е тоа жолт или црн појас. Тоа веднаш се препознава и на тоа ниво понатаму се развива таа таканаречена „борба“. Нема голема разлика – занаетот е занает, вели на прашање на весникот ВЕЧЕР српскиот актер со македонско потекло, Лазар Ристовски, добитник на наградата за врвно актерско достигнување во уметноста на филмот, „Мето Јовановски“, на Фестивалот на балкански и медитерански филм „Преку езерото“, чие четврто издание се одржува деновиве во Дојран.

Лауреатот на фестивалот „Преку езерото“, денеска во Скопје рече дека му е задоволство што е во Македонија, а во однос на признанието истакна дека ова е значајна награда бидејќи го носи името на големиот актер Мето Јовановски.

– Го познавав, бевме пријатели, но за чудо, никогаш со него не сум играл во ист проект. За тоа ми е навистина жал. Се гледавме и се дружевме на фестивали. Задоволство ми е што сум овде и на овој интересен и многу оригинално конципиран фестивал „Преку езерото“.

Познатиот актер Лазар Ристовски, (роден 1952, во Војводина), кој по татко води потекло од македонското Мариово, зад себе има импресивна кариера во регионални, западноевропски и холивудски продукции. Глумел во повеќе од 80 филмови, ТВ-серии и ТВ-драми – претежно во главни улоги. Негови незаборавни улоги се оние во „Подземје“ (Underground), „Тито и ја“, „До коска“, „Тако се калеше челикот“, „Буре барут“, „Балкански правила“, „Бумеранг“, „Пад во рајот“. Се појави и во холивудските продукции: „Ноемврискиот човек“ (The November Man), „Казино Ројал“ (Casino Royale) и „По патот“ (Along the Road), како и во неколку европски филмови. Има остварено исклучителни улоги и во македонските филмови „Јазол“ на Кирил Ценевски и „Збогум на 20 век“ на Дарко Митревски и Александар Поповски.

–Тешко е човек да зборува за себе. Кога го слушам ова, како да не се работи за мене. Јас, едноставно, ги заборавам работите што ги работам. Мене секогаш ме интересирал процесот на работа, тоа ме исполнува, тука давам сè од себе, а потоа кога ќе дојдат премиерите и црвените килими, таму не се чувствувам ни добро ниту, пак, ме интересира тоа. Кога бев млад – да, но како сè повеќе време минував во оваа работа, а еве веќе 50 години се занимавам со глума и со сите други работи околу неа, така сè она што доаѓа по глумата не ме интересира, вели Ристовски.

Посочува дека глумата во тие пет децении навистина била неговиот живот, но често мислел и дека тоа е најлесниот начин да се заработат пари.

– И не сум прв кој зборува така, има и мали и големи глумци кои зборувале за тоа и јас многу добро ги разбирам. Затоа што ова е навистина тешка работа, како и секоја која сакаш да ја работиш професионално. Глумата е тешка бидејќи нашиот алат е нашето тело, нашата психа. Разликата во актерите е во тоа колку се храбри да копаат по себе, и по својата психа. Оние што се храбри тоа да го направат подлабоко, пожестоко – тие излегуваат поголеми актери. Иако тоа не значи дека на нивните лица се гледа тоа. Некој глуми лесно, без разлика на тоа колку по себе копал, што барал и што нашол. На некои актерски лица тоа се гледа во смисла на напор или грч, а има и актери кои се потат додека глумат. Има, пак, такви кои полесно, побезболно минуваат низ тој процес. Јас сум некаде на средината, не сум се потел многу, но сум го доживувал актерството како тешка работа. Но во последно време сè помалку глумам, ме мрзи да го работам тоа, но немам ни некои поголеми предизвици или понуди кои се вистински, кои би ме мотивирале, додава Ристовски.

Вели дека имал и среќа да работи со режисери кои се светска елита и во театарот и на филмот.

– Така што, на тој начин, тие актерски предизвици ги поминав. На крајот на краиштата, актерот најмногу глуми заради режисерот. Тој му е огледалото и во театарот, и на филм, тој на крајот ќе одлучи во голема мера дали е тоа што актерот го прави добро или не, вели Ристовски.

За искуството кое како актер го имал при снимањето на холивудските и европските филмови, вели дека јазикот е бариера.

– Она што, всушност, е проблем за нас, актерите, од овие балкански простори, е јазикот. Ние често глумиме туѓинци, терористи, негативци, а ретко нешто друго. Јас сум играл во десетина филмови, два холивудски и неколку европски и на среќа, негативец бев само еднаш. Имав среќа во Италија да играм големи, главни, позитивни улоги. Но некои од улогите ги одбив бидејќи беа негативно насочени кон Србија, кон Балканот, или кон ова поднебје и не сакав да прифатам такво нешто. Една таква улога е и од познатиот филм „Миротворец“, во кој еден човек од Србија или од Балканот носи атомска бомба на Њујорк. Бев повикан, но не сакав да го играм тоа. И тоа не е само еден филм, во неколку филмови не сакав да играм од тие причини, објаснува актерот.

Ристовски зад себе има и околу дваесетина филмови како продуцент, а е и режисер на остварувањата: „Белиот костум“ и „Бели лавови“.

– Станав продуцент и режисер, по игра на случајноста. Кога го снимавме „Андерграунд“ со Емир Кустурица, една ноќ му раскажав приказна од мојот филм „Белиот костум“ која е вистинита, за моите двајца вујковци. Кустурица ми рече: Па сними го тоа, направи филм, тоа е фантастична приказна. Поминаа неколку години и почнав да работам на тој филм, го нудев на некои продуценти, но никој немаше доверба јас да го режирам. А јас го сакав тоа бидејќи тоа е моја приказна, јас ја напишав. Значи, случајно почнав да се занимавам со режија. Но со тој филм завршив на Канскиот фестивал во програмата насловена „Недела на критиката“, во која има само седум филмови од целиот свет. Тогаш видов дека продуцентството ми оди, дека можам со тоа да се занимавам. До ден-денес сум снимил преку дваесет филмови како продуцент. Имав само конфликт со тоа дека кога ја играв главната улога, и кога режирав, во тоа време немаше монитори за да може да се снимаме и заедно да го гледаме материјалот. Морав тоа да го работам по осет, а бев пред камерата, а не зад неа. Но, на крајот бев задоволен со резултатот, па го започнав и другиот филм „Бели лавови“, кој го напишав и режирав. Во моментов, можеби, работам на третиот филм за кој добив некои средства од Филмскиот центар на Србија, а кој се вика „Рибарот и балерината“, по една приказна од мојата книга раскази „Едноставни приказни“, која е преведена и на македонски и издадена од „Табернакул“. И тоа е моето занимавање со режија во наредниов проект, додава Ристовски.

Актерот утре на фестивалот „Преку езерото“ треба да одржи и мастер клас.

– Јас во животот никогаш не сум го направил тоа, не го сакав тоа. Не сум сакал да солам памет на други, да држам предавања, и затоа и никогаш не сум сакал да бидам професор по глума, иако сум имал понуди. Причините се различни, една е тоа што јас како ученик и студент никогаш сто отсто не сум им верувал на наставниците и на професорите. Секогаш наоѓав, ненамерно, дека имам различно мислење. Оти никој нема тапија засекогаш на некое знаење. Бидејќи знаењето е променлива категорија. И секогаш сум бил критичен и кон учителите и кон професорите, и на актерската Академија, и често заради тоа ме исфрлале од часовите. Значи, не можеле да ја истрпат критиката на малиот човек, на студентот, бидејќи немале контра аргумент. И сега јас како таков, како да држам на некој предавање? Тоа беше една од причините зашто не сум се занимавал со педагошка работа, а имам завршено учителска школа во Сомбор, вели Ристовски.

Се потсети и дека неговите први средби со филмот биле одамна во неговото село, кога ја гледал првата проекција, на руски филм. Филмот бил за козакот Михајло Строгов, трагична приказна од која и сега се ежи. Како што вели, тоа биле неговите примери како треба да се бавиме со филм и како режисер и како актер.

Тој раскажа и кратка анегдота која, го обележала и му покажала дека неговото бавење со актерство ќе биде „прилично тешко“.

– Кога бев на првата година академија, еден студент на камера имаше своја прва испитна вежба и тој мораше со телеобјективот да сними сцена, а му требаа актери. Бидејќи бевме пријатели, му помогнав. Тогаш престојував во студентскиот град во Белград и секој ден многу студенти тука чекаа автобус. Имаше гужва, а тој смисли да отиде некаде подалеку, зад камион на 30 метри и оттаму да ја сними сцената во која јас како некој виолинист кој носи виолина во таа гужва ќе изгубам свест. Мислев дека тоа ќе биде лесно, но како се приближував до автобусот кој доаѓаше, ме фати голем срам. Околу мене имаше многу луѓе, а јас требаше да ги излажам, да паднам и после да кажам: Се шегувам, ништо не ми е. И јас тоа не го направив. Му реков дека не можам, оти никој не знае дека снимаме филм. А тој ми вика: Па како сега сите да ги известиме? И добро, се сложив да ја повториме сцената. Беше лето, голема жештина и јас гледам дека веќе нема смисла и дека ќе се откажам или ќе се случи нешто друго. И се случи нешто друго. Јас доаѓам, ме облива пот и навистина паѓам во несвест. Се разбудив во студентска кантина каде ме прскаа со вода… Тоа беше мое прво искуство со глума и оттогаш како студент постојано го трошев времето седејќи во кино салите, а тоа влијаеше на мојот актерски хабитус и продуцентски и режисерско поимање на филмот. Јас го сметав филмот за вистина. И тоа беше моја естетика и поетика на бавење со оваа работа, додаде Ристовски.

Прашан како гледа на политичките случувања во неговата земја, рече дека цврсто верува дека Србија од ова ќе излезе на најдобар можен начин и дека ќе напредува понатаму. (Н.И.Т.) Фото: П.Стојановски

ИЗДВОЕНИ