Москва очекува Вашингтон да ја достави привремената верзија на планот за решавање на кризата во Украина, договорена со Европејците и Украинците, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Тој рече дека Русија очекува САД да ја информираат за резултатите од разговорите со Украина и се надева дека тоа ќе се случи во догледна иднина, објави РИА Новости.
„Имаме канали за комуникација со нашите американски колеги и тие се користат. Очекуваме да презентираат верзија што ја сметаат за привремена во однос на завршувањето на фазата на усогласување на овој текст со Европејците и Украинците“, изјави Лавров пред новинарите по заедничкиот состанок на колегиумите на руското и белоруското министерство за надворешни работи.
Проценките на Русија во врска со планот на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина остануваат валидни, а Москва го поздравува фактот дека основата на овој документ беше разбирањето постигнато на самитот во Алјаска, нагласи Лавров.
Русија ја цени позицијата на САД, бидејќи е единствениот западен лидер кој презема иницијатива во барањето решение за конфликтот во Украина, рече рускиот министер за надворешни работи.
„Секако ја цениме позицијата на САД, кои се единствениот западен лидер, за разлика од Лондон, Брисел, Париз и Берлин, кој презеде иницијатива за наоѓање решение. Го цениме тоа“, рече Лавров.
Според него, Западот сака да го промени планот на Трамп и да ги поткопа напорите за решавање на конфликтот, бидејќи секој пат, како што наведе, го поткопувал напредокот постигнат по прашањето на Украина.
Лавров нагласи дека Европа „целосно потфрлила по сите параметри“ во своите постапки кон Украина, почнувајќи од 2014 година.




![[Интервју] Пројковски: Театарот треба да го каже она за што другите молчат](https://www.vecer.press/wp-content/uploads/2025/11/prr-450x300.jpg)







