Рускиот претседател Владимир Путин ја потврди посветеноста на Русија за праведно решавање на конфликтот во Украина за време на телефонскиот разговор со американскиот претседател Доналд Трамп, изјави рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.
„Русија нема да го остави православниот народ на Украина во неволја и ќе се погрижи да се почитуваат неговите законски права и канонското православие да го врати своето централно место во духовниот живот на народот во украинските земји“, рече Лавров на приемот по повод православниот Велигден.
Како што истакна, гаранција дека овие цели ќе бидат остварени е ставот на Руската Федерација за праведно решавање на украинската криза создадена од Западот, што вчера уште еднаш јасно го потврди претседателот Путин по телефонскиот разговор со американскиот претседател Трамп.
Лавров нагласи дека Москва не е изненадена од игнорирањето на Велигденскиот прекин на огнот од страна на Киев и иницијативата за прекин на огнот на Денот на победата.
– Историјата знае случаи кога спротивставените страни се договориле за привремен велигденски прекин на огнот. Сепак, прекините на огнот што ги објави рускиот претседател Владимир Путин по повод Велигден, како и неговата иницијатива за прекин на огнот по повод Денот на победата, како што знаете, беа игнорирани од режимот на Владимир Зеленски, рече Лавров.
Шефот на руската дипломатија истакна дека тоа не е изненадувачки ниту за Русија, ниту за објективни набљудувачи однадвор.
Рускиот и американскиот претседател Владимир Путин и Доналд Трамп во понеделникот два часа телефонски разговараа за конфликтот во Украина и можниот прекин на огнот.
Рускиот претседател го опиша разговорот како „искрен“, „информативен“ и „многу корисен“ и додаде дека е подготвен да работи со Украина на нацрт-меморандум кој ќе ги одреди идните преговори за прекин на огнот.
Тој повтори дека Русија сака да најде мирно решение, но дека најважно им е да се осврнат на „корените на конфликтот“.
– Би сакал да забележам дека, генерално, позицијата на Русија е јасна. Главната работа за нас е да ги елиминираме основните причини за оваа криза. Треба само да ги одредиме најефикасните начини да се движиме кон мир“, рече Путин по разговорот што го одржа во музичкото училиште во близина на Сочи, бидејќи неговиот распоред беше „полн“.