Лавров оствари телефонски разговор со Рубио

51

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, денес телефонски разговараше со американскиот државен секретар Марко Рубио, соопшти руското Министерство за надворешни работи.

„Беше одржана конструктивна дискусија за можните конкретни чекори за спроведување на договорите постигнати за време на телефонските разговори меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп на 16 октомври“, се вели во соопштението.

Да потсетиме дека во четврток, лидерите на Русија и САД одржаа телефонски разговор, во кој, меѓу другото, беа разгледани настани поврзани со Украина. По разговорот, американскиот претседател објави дека планира средба со својот руски колега Путин во Будимпешта.

Рускиот претседателски помошник Јуриј Ушаков прецизираше дека Будимпешта била предложена како локација од Трамп, а Путин ја поддржал оваа идеја. Унгарскиот премиер Виктор Орбан објави дека наредил формирање на организациски комитет за подготовка на самитот во Будимпешта, додавајќи дека работата започнала во четврток вечерта.

Како што денес нагласи претседателскиот портпарол Дмитриј Песков, Москва очекува самитот да обезбеди напредок во мирното решавање на украинското прашање. Песков додаде дека подготовките за средбата на лидерите сè уште не се започнати во целост, но дека наскоро ќе започнат.

Средба Лавров и Рубио до крајот на оваа недела?

Се шпекулира дека Лавров и Рубио би можеле да се сретнат до крајот на оваа недела.

Според Ројтерс, повикувајќи се на неименувани извори, рускиот министер за надворешни работи и американскиот државен секретар би можеле да се сретнат веќе на 23 октомври.

„Рубио планира да се сретне со Лавров овој четврток“, рекоа тие, повикувајќи се на неименувани американски претставници.

Претходно, рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков изјави дека сè уште нема јасно разбирање кога и каде би можела да се одржи средбата меѓу Лавров и Рубио, што се очекува како една од фазите на подготовка за руско-американскиот самит во Будимпешта.

ИЗДВОЕНИ