Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денес предупреди дека „часовникот на судниот ден“, кој хипотетички претставува колку е блиску светот до нуклеарна катастрофа, се приближува кон полноќ, нагласувајќи дека Русија се обидува да го спречи тоа.
„Глобалната безбедност е најважна, особено во сегашната фаза, кога отчукува озлогласениот „Часовник на судниот ден“, стрелката се приближува сè поблиску до полноќ. Важно е да се спречи ова. Активно работиме на спречување на катастрофа“, рече Лавров за време на посетата на Туркменистан.
Тој додаде дека разговорот за можноста за трета светска војна станал „вообичаен“, пренесува Танјуг.
„Ситуацијата е особено тажна кога реваншистичките сили и милитантните расположенија повторно се појавуваат со полна сила во Европа“, нагласи рускиот дипломат.
„Часовникот на судниот ден“ првпат се појави на насловната страница на списанието „Билтен на атомските научници“ во 1947 година, а времето што преостанува до полноќ ја симболизира напнатоста на меѓународната ситуација, додека полноќта го означува моментот на нуклеарна катаклизма.
Единствениот пат кога часовникот е вратен назад, за седум секунди, беше во 1991 година, кога американскиот претседател Џорџ В. Буш и советскиот лидер Михаил Горбачов го потпишаа Договорот за намалување на стратешкото оружје (СТАРТ) за намалување на бројот на нуклеарно оружје и балистички ракети на тие земји.