Голема прашина кренаа американските медиуми во последните денови, откако интензивно ја објавуваат наводната изјава на новинарот Сем Амик дека Никола Јокиќ би можел да оди во Милвоки за да му се придружи на Јанис Адетокумбо.
Но, „веста на годината“ се покажа како невистинита.
Без разлика дали тоа било поради реакцијата на Јокиќ, неговиот агент, Денвер, или, едноставно, затоа што имало забуна во пренесувањето на информациите – Амик ја разјасни својата изјава и рече дека во ниту еден момент не рекол дека сомборецот ќе заврши во Бакс заедно со Адетокумбо.
- Ова целосно погрешно го толкува она што го кажав, само да знаете, напиша Амик, па додаде: „Тоа се однесуваше на фактот дека зборував за Јанис и Јокиќ како „играчи од соништата“ за ДРУГИ тимови во 2027 година – а не за тоа како тие ќе играат заедно (во Бакс или каде било на друго место)“, се правдаше Амик.
Како што е познато, Никола Јокиќ одби нов договор во Денвер ова лето. Тој ќе заработува повеќе пари ако почека за новиот договор со Денвер, а интересно е што многумина мислат дека тој ќе го промени тимот.
- Нема паника околу тоа. Не сум слушнал ништо од неговата агенција што би укажувало дека е незадоволен во Денвер, или дека би барал размена. Којзнае што ќе се случи, но тоа е сè што сум слушнал, истакна новинарот Зек Лоу во својот поткаст.
Инаку, освен Милвоки, Лос Анџелес Лејкерс најчесто се споменува како потенцијална дестинација за Никола Јокиќ.