– Секоја награда е признание за добитникот, а сите добитници се биографија на наградата. Постојат награди што не ги заслужуваат добитниците, постојат добитници што не ја заслужуваат наградата, но постојат и награди и добитници што целосно се заслужуваат меѓу себе. Останува да се надевам дека наградата што ја добивам вечерва спаѓа во последниве – рече завчеравечер, на отворањето на „Букстар“, Блаже Миневски, добитник на наградата за најактуелна книга меѓу двете изданија на фестивалот, за збирката раскази „Опаш во устата“. Пред бројната публика во Културно-информативниот центар се одржа и разговор со авторките Петра Клабоухова (Чешка) и Серај Шахинер (Турција). Писателките ги отворија најчувствителните прашања на денешницата
Со доделување на наградата за најактуелна книга меѓу двете изданија на фестивалот „Букстар“, која му беше врачена на македонскиот писател Блаже Миневски за збирката раскази „Опаш во устата“ („Антолог“, 2025), завчеравечер беше отворено единаесеттото издание на фестивалот на европската литература, во преполната сала на Културно-информативниот центар во Скопје. Настанот годинава се одржува под мотото „За писателцките работи“.
– Секоја награда е признание за добитникот, а сите добитници се биографија на наградата. Какви се добитниците – таква е наградата. Постојат награди што не ги заслужуваат добитниците, постојат добитници што не ја заслужуваат наградата, но постојат и награди и добитници што целосно се заслужуваат меѓу себе. Останува да се надевам дека наградата што ја добивам вечерва спаѓа во последниве. Чест е, како македонски автор, да се застане пред овој пандан на европската книжевност и да се добие ова единствено големо признание – рече Блаже Миневски пред бројната публика.
Годинашниот фестивалски слоган гласи „За писателцките работи“, а својот корен го има во делото на Крсте Мисирков (1874 – 1926), во пресрет на јубилејот сто години од неговата смрт (2026).
За делото на Миневски обраќање имаше универзитетската професорка Весна Мојсова-Чепишевска, која ја истакна важноста на овој македонски автор, но и важноста на македонската литература воопшто.
– Мисирков напиша: „Културното работење е помачно од револуционерното, зашто првото е умствено, а второто повеќе физичко… Револуционерната дејност е привремена и разрушувачка, а не вечна, соѕидувачка. А културниот човек, за да има право да се нарекува таков, треба да гради, а не да руши. За да биде градбата здрава, треба темелот да ѝ биде убав. А твоите раскази се едни од најубавите камчиња вградени во темелот на современата македонска книжевност. Токму затоа е и ова издание што го подготви издавачката куќа „Антолог“. И токму затоа Блаже Миневски е првиот македонски автор што ја понесува главната награда на „Букстар“ – рече Весна Мојсова-Чепишевска.
Фестивалот за официјално отворен го прогласи Калина Малеска, која не само што е актуелна добитничка на наградата „Роман на годината“ на Фондацијата „Славко Јаневски“ туку и неретко се вклучува во јавни дебати за теми што нè засегаат сите.
Што треба да направиме во иднина? Ни претстои уште многу, особено во областа на воспоставување политики на култура, обнова на културната инфраструктура, поддршка за независни проекти, поддршка на пласман на нашата литература во други национални и културни средини, културна едукација во училиштата.
– Би било одлично во иднина – што би рекол Мисирков, за однапред – да си отвориме многу прилики за да дискутираме за конкретни чекори и детали. Да поттикнеме и направиме промени што ќе бидат убава придобивка, која понатаму ќе ги проширува хоризонтите на македонската книжевност. Зашто, да го парафразирам Мисирков, ставајќи го истовремено во поинаков контекст, имало и има такви писатели „што покажаа способност“ за „градење“ и поместување на границите и ќе има писатели што „со подеднаков, па и поголем успех“ ќе ги поместуваат и во иднина – истакна Малеска.
Свое обраќање имаше и основачот на фестивалот „Букстар“, Жарко Кујунџиски, кој посочи колку е важно да се одржуваат книжевни фестивали, особено кога се среќаваат македонската и европската книжевна сцена.
– Годинава, под слоганот „За писателцките работи“, поставивме една симболика што има длабоки корени во нашата културна историја и меморија. Слоганот е инспириран од делото на Крсте Мисирков, чиј јубилеј – сто години од неговата смрт – ќе го одбележиме следната година. Со ова сакавме да укажеме дека книжевноста не е само уметнички вид туку и чин на одговорност, на визија, на заедништво и на храброст. Сакаме да проговориме за интимната и често невидлива битка зад секое дело, за силата на зборот, кој може да го обликува не само животот на авторот туку и целото општество. „Букстар“ веќе единаесет години ја создава својата сопствена мапа на културни дијалози преку кои повикуваме на промени – кажа, меѓу другото, Кујунџиски.
Пред бројната публика во Културно-информативниот центар се одржа и разговор со авторките Петра Клабоухова (Чешка) и Серај Шахинер (Турција). Писателките ги отворија најчувствителните, но и најважни прашања на денешницата: положбата на жената во општествата обележани со политички репресии, замолчување, класни неправди и насилство.
Вљубениците во книжевноста беа сведоци и на еден многу продуктивен и духовит разговор со авторите Блаже Миневски, Александар Прокопиев, Ермис Лафазановски и Оливера Ќорвезироска. Тие дебатираа на темата што значи да се биде „класик“ во македонската книжевност, дали навистина постојат такви имиња, кои се тие и според кои критериуми ги препознаваме. Се зборуваше и за третманот на писателите што веќе се сметаат за класици, но и за оние што би можеле да станат дел од таа категорија во иднина, дали се нивните дела доволно присутни во јавноста, колку се застапени во образовните програми и што значи тоа за идните генерации читатели.