Фестивалот беше отворен со филмот „Мајка“, инспириран од животот на Мајка Тереза, на режисерката Теона Стругар-Митевска. Во главните улоги настапуваат светски познатите актерки Нуми Рапас и Силвија Хукс, заедно со Никола Ристановски, Лабина Митевска и други. Во седум дена, пред публиката ќе бидат прикажани седумдесет филма, a повеќе од 400 автори, уметници од сите меридијани ќе чекорат низ Битола
– За мене, филмот отсекогаш бил јазикот на светлината и на сенките, на тишината и на гласот, на сеќавањето и на сништата. Затоа што уметноста е еден од најдлабоките патишта што придонесуваат кон духовниот развој на човечкото суштество. Како што рекол Јунус Емре, големиот поет-суфист на современиот турски јазик: „Знаењето е да се спознаеш“. И токму тоа е она што ни го нуди филмот: начини да се спознаеме себеси, едни со други и да ја спознаеме вистината – кажа годинашниот лауреат на наградата „Златна камера 300“ за особен придонес во светската кинематографија, турскиот режисер Семи Капланоглу, на завчерашното отворањето на 46. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола.
Инаку, наградата на Капланоглу, кој додаде дека таа не е само огромна чест за него туку и вистински потсетник за бесконечното патување на филмската уметност, му ја врачи градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
– Со гордост ја носиме историската оставина на браќата Манаки, кои со својата камера, пред 120 години, ги испишаа првите страници на европската филмска историја. Токму во Битола започна патувањето на балканската кинематографија, а денес ние сме чувари и промотори на тоа наследство. Фестивалот „Браќа Манаки“ не е само културен настан туку и симбол на идентитетот на Битола, прозорец кон светот и доказ дека нашата локална приказна има глобално значење – рече Коњановски.

Директорот на фестивалот „Браќа Манаки“, Димитрија Доксевски, пак, истакна дека она што го прави посебен овој фестивал се исклучителната селекција на филмови, луѓето што доаѓаат, гостите и, секако, дружењето и запознавањето нови луѓе.
– Тоа е шармот, тоа е магијата на овој фестивал и никој никогаш нема да може да му го одземе. Тоа е кодот што ќе трае засекогаш. Тој е нашиот сон. Ние сонуваме големи платна, сонуваме големи филмови. Едни да играат, други да снимаат, трети да монтираат, да продуцираат, да режираат. Наш сон, убав што го живееме токму овде. Да продолжиме наредните седум дена да сонуваме радост, да сонуваме љубов и да уживаме во овој фестивал – рече Доксевски.
Во текот на седум дена, колку што трае фестивалот, пред публиката ќе бидат прикажани седумдесет филма, а повеќе од 400 автори, уметници од сите меридијани ќе чекорат низ Битола.
Оваа година се одбележуваат и 75 години од постоењето на Друштвото на филмските работници на Македонија, кое е срцето и моторот на овој фестивал.

Игор Иванов, претседател на ДФРМ, посочи дека е воведена нова награда, која се доделува во ретки случаи, понекогаш, можеби еднаш во 10 години.
– Вечерва ќе ја добие некој што е единствен меѓу нас, што 46 години не пропуштил ниту едно издание на фестивалот – рече Иванов.
А лауреат на наградата „Златен медал“ е филмскиот критичар Благоја Куновски- Доре. Томи Салковски, секретар на ДФРМ, кој најмногу соработувал со него, го нарече „најголемиот филмски критичар во Македонија на сите времиња, најголем презентер на македонскиот филм надвор од границите на Македонија и најголем соработник на Друштвото на филмските работници и на фестивалот „Браќа Манаки“.
Куновски, кој беше трогнат од признанието, се заблагодари и додаде дека бил посветен на една кариера што била исполнета со многу возбудувања.
– Особено ме исполнува што сум дел од таа организација на филмаџиите и што сум дел од овој наш фестивал, кој е еден од ретките, можеби единствен амбасадор на македонската култура. Филмовите и нивните автори сум ги доживувал како мисионери во поставувањето еден подобар, поубав, похуман и подостоинствен свет во кој живееме – рече Куновски.
Беше доделена и наградата на „Сумолајт“, „Креативна синергија“, која е востановена минатата година и им се доделува на кинематограферот и на неговиот гафер. Наградата ја додели Тим Зур, основач на компанијата „Сумолајт“, а ја добија Бил Поуп и Џонатан Спенсер, кои рекоа дека се почестени од признанието, бидејќи е препознаена нивната работа, што досега не било случај.
Плакатот за ова издание на фестивалот е изработен од Киро Урдин. Неговата работа ги поврзува сликарството, литературата, филмот и концептуалната уметност, а фестивалот „Браќа Манаки“ му изрази благодарност за неуморната посветеност и за неговото уметничко творештво.
Претседателката Гордана Сиљановска- Давкова го прогласи фестивалот за отворен.
– Ова 46. издание на ИФФК „Браќа Манаки“, кое годинава се одржува под мотото „Сон на платно“, совршено ја одразува суштината на доблесните што ги славиме. Овој фестивал, несомнено, е еден од највредните и најпрепознатливи битолски, македонски, но и светски културни симболи. Тој е уникатна сцена на која се слави снимателот како автор, креатор, тивок, но моќен градител на секоја филмска приказна. Снимателот е сестран уметник. Тој ја визуализира идејата, со камерата компонира и црта емоција, диктира ритам и креира атмосфера – рече Сиљановска-Давкова, која се обрати преку видео пораката додавајќи дека сега збор има филмската светлина.

Фестивалот беше отворен со филмот „Мајка“, инспириран од животот на Мајка Тереза, на режисерката Теона Стругар-Митевска. Директор на фотографија е Виржини Сен-Мартан од Белгија. Сценографијата е на Вук Митевски, а прв асистент на режија е Јане Ќортошев. Во главните улоги настапуваат светски познатите актерки Нуми Рапас и Силвија Хукс, заедно со Никола Ристановски, Лабина Митевска и други.
Филмот е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Шведска, Данска и Босна и Херцеговина.
Во рамките на главната програма, публиката на фестивалот ќе види филмови кои доаѓаат од филмските фестивали во Кан, Венеција, Берлин и кои носат свежина во визуелниот јазик, естетска извонредност и авторска совест што зборува за времето во кое живееме.
Покрај „Мајка“, во главната натпреварувачка програма се и: „Сништа (секс, љубов)“ во режија на Даг Јохан Хаугеруд, кинематографер Сесили Семек; „Сират“ на Оливер Лаше, кинематографер Мауро Херсе; „Одмаздничка“ на Доминик Седлар, кинематографер Дејвид Мекфарланд; „Ѓаволот пуши (и ги чува изгорените кибритчиња во истата кутија)“ во режија на Ернесто Мартинез Бусио, кинематографер Одеи Забалета; „Сè уште сум тука“ во режија на Валтер Салес, кинематографер Адријан Теихидо; „Посетител“ – режија и кинематографер Витаутас Каткус; „Мирен живот“ во режија на Александрон Авранас, кинематографер Олимпија Митилинау; „Нов бран“ на Ричард Линклејтер, кинематографер Давид Шамбиј и „За паѓањето“ на Лаура Кареира, кинематографер Карл Киртен.
Фестивалот ќе биде затворен со проекција на македонскиот филм „Диџеј Ахмет“ на Георги М. Унковски, чиј кинематографер е Наум Доксевски, остварување што постигна голем успех на меѓународната сцена, а ја имаше светската премиера на престижниот фестивал „Санденс“, каде што доби две награди.