
Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, за прв пат проговори за ненадејната посета на Лео Меси на „Камп Ноу“ која се случи изминатата недал. Во разговор за „Каталуња Радио“, Лапорта призна дека не бил свесен за намерите на Меси, но повтори дека не жали за заминувањето на Аргентинецот од клубот во 2021 година, бидејќи неговиот престој не беше можен.
Лапорта го опиша доаѓањето на Меси како спонтан чин на посветеност кон клубот. „Добро го примив. Тоа беше спонтан чин на неговата љубов кон Барселона. Не знаев, но тоа е негова куќа. Беше со пријатели, шеташе, само вечераше и спонтано наврати“, објасни претседателот, додавајќи дека има добар однос со Меси.
„Тој игра за Интер Мајами. Знае дека е сакан и ценет за тоа кој е и дека секогаш ќе биде добредојден. Сосема е исправно што ја добива најголемата почест на светот. Би било прекрасно да се одржи тука, пред 105.000 навивачи.“
Кога беше прашан за заминувањето на аргентинската ѕвезда, Лапорта остана цврст во својот став. „Немам жалење. Барса е над сè. Не можеше да биде поинаку“, рече тој.
Меси одигра 778 натпревари за Барселона, постигнувајќи 672 гола и асистирајќи уште за 303. Тој освои сè што можеше да се освои со каталонскиот гигант.











