вторник, јануари 27, 2026
Дома СКОПСКА Лани подигнати речиси 22.000 кубни метри отпад од диви депонии, најмногу во...

Лани подигнати речиси 22.000 кубни метри отпад од диви депонии, најмногу во Центар и во Чаир

12

Минатата година, екипите на јавното претпријатие „Комунална хигиена“ подигнале и транспортирале вкупно 21.995 кубни метри отпад од стотици диви депонии лоцирани во сите скопски општини. Најголемо количество непрописно одложен отпад е отстрането во скопските општини Центар и Чаир.

– Екипите на претпријатието речиси секојдневно интервенираа на неколку локации каде што се одлага отпад на јавни и на сообраќајни површини, најчесто на  булеварот „Никола Карев“ (познат како  Пластичарска улица), на аголот со улицата „Максут Садик“, веднаш крај детското игралиште, каде што континуирано се отстрануваше големо количество непрописно одложен кабаст, градежен и мешан комунален отпад – соопштија од „Комунална хигиена“.

Воедно, во текот на минатата година, екопатролата на ЈП „Комунална хигиена“ врачила 607 записници за лица и правни субјекти затечени при непрописно одлагање отпад. Најголем број записници – вкупно 227, биле изготвени во скопската општина Чаир.

Од „Комунална хигиена“ велат дека немаат ингеренции на терен да ги санкционираат прекршителите на Законот за јавна чистота и од тие причини апелираат што поскоро на сила да стапи Закон за формирање комунална полиција, како најефикасен начин да се превенира загадувањето на животната средина и да се заштити јавното здравје.

 

 

ИЗДВОЕНИ