Ландо Норис е пред историски успех во Формула 1, а го дели само една трка до титулата. Возачот на Мекларен има 12 бода предност пред „финалето“ во Формула 1 и трката што овој викенд ќе се вози во Абу Даби. Но, Верстапен не му е единствениот конкурент за титулата бидејќи Оскар Пјастри е 16 бода зад лидерот. Сите тројца имаат шанса за титулата, а на Норис му треба само да освои едно од првите три места за да стане светски шампион за првпат во кариерата.
Мекларен има „папаја правило“, според кое ниту еден возач не е фаворизиран, а челниците на тимот изјавија дека имаат намера да го продолжат тоа и во Абу Даби, но дека ќе се водат разговори со возачите.
Доколку Пјастри е во подобра позиција од Норис, со Верстапен во добра позиција, се шпекулира дека Мекларен би можел да го замоли да му дозволи на својот соиграч да го престигне.
- Навистина не зависи тоа од мене и нема да прашам, им рече Норис на новинарите во Абу Даби кога беше прашан за тимските наредби, објави „Би-би-си“.
- Нема да прашам затоа што не мислам дека е нужно фер прашање. Не знам. Од Оскар зависи дали ќе го дозволи тоа, знаете, додаде Норис.
На Пјастри му е потребна победа за да ја освои титулата, а Норис не смее да заврши меѓу првите пет.
- Не сме разговарале за тоа. Додека не знам што се очекува, немам одговор, рече Пјастри.
Норис рече дека би бил спремен да се повлече и да дозволи тимскиот колега да го помине ако улогите се сменат.
- Мислам дека би го направил тоа бидејќи секогаш сум таков. Таков сум, рече Норис.
По трката во Холандија кон крајот на август, Норис беше 34 бода зад Пјастри, но потоа заврши на подиумот во Монца, Сингапур и Остин и победи во Мексико и Бразил, преземајќи го водството.
Дуото на Мекларен беше дисквалификувано од трката во Лас Вегас, каде што победи Верстапен, кој ја освои и претходната трка во Катар, по лошата тактика на Мекларен.
Верстапен беше 104 бода зад Пјастри по трката во Холандија, но се врати во борба за титулата по пет победи од летната пауза. Му треба победа во Абу Даби за да ја освои титулата, а Норис не смее да дојде до подиум.
Холанѓанецот се обидува да освои петта последователна титула, што би го израмнило рекордот на Михаел Шумахер за најмногу последователни титули.
Последната трка во сезоната, Големата награда на Абу Даби, е закажана за недела во 14 часот.











