Возачот на Мекларен, Ландо Норис, направи уште еден крупен чекор на патот кон титулата откако запиша уште една победа во Формула 1 шампионатот, овој пат на трката за Големата награда на Саун Пауло. Со овој триумф, тој ја зголеми својата предност пред тимскиот колега Оскар Пјастри на 24 бода, на три трки до крајот на сезоната.
- Луда трка! Убаво е да се победи тука, во Бразил. Тоа е неверојатна патека, неверојатни навивачи. Што се промени кај мене? Само ги игнорирам сите што зборуваат глупости за мене. Се фокусирам на себе. Тимот врши неверојатна работа, ми даде одличен болид. Работиме напорно секој викенд, а јас работам напорно и надвор од патеката. Да бидам искрен, не мислам дека бевме најбрзи, но мило ми е што победивме – заклучи Норис.
Четирикратниот шампион, Макс Верстапен, сега е 49 бода зад Норис и покрај херојскиот настап во Бразил, завршувајќи трет на подиумот, зад Ландо и Кими Антонели од Мерцедес. Малкумина очекуваа тој да постигне таков успех откако стартуваше од пит-стопот поради промени на болидот, по разочарувачката квалификациска сесија.
Сепак, уште еднаш покажа дека и покрај тешката позиција, може да дојде до добар резултат, што само потврди дека е еден од најголемите возачи на сите времиња. Во седмиот круг беше само 13. и мораше повторно да влезе во боксот, но до 51. круг веќе беше на првото место, пред Ландо Норис и пред да го има своето последно запирање во боксот.
- Ова е неверојатен резултат и многу сум среќен – рече Верстапен, по кого следуваа Џорџ Расел и Пјастри.
Преостанатите три трки во сезоната се во Лас Вегас на 22 ноември, во Катар на 30 ноември и во Абу Даби на 7 декември, кога ќе биде познат и шампионот.











