Ефуроријата во таборот на Мекларен започна, а за сето тоа се погрижи Британецот Ландо Норис кој ја освои првата титула во Формула 1. И не можеше да биде поспектакуларно ако се земе в предвид дека толку посакуваниот трофеј дојде во последната трка од сезоната, возена во Абу Даби.
Норис, кој успеа да се задржи на третото место на последната трка и со тоа да собере доволно број бодови, изјави дека е неверојатно чувство да се освои светското првенство во Формула 1.
- Не сум плачел веќе некое време и не мислев дека ќе плачам, но плачев. Беше долго патување и пред сè сакам да им се заблагодарам на мојот тим, на сите во Мекларен, на моите родители. Тие беа оние кои ме поддржуваа од самиот почеток. Се чувствувам неверојатно, сега знам како се чувствува Макс (Верстапен), сакам да им честитам на Макс и Оскар (Пјастри), моите двајца најголеми ривали во текот на целата сезона, истакна.
Со третото место во Абу Даби, дваесет и шестгодишниот Британец го задржа водството во генералниот пласман пред четирикратниот светски шампион Макс Верстапен од Ред Бул. Победата на Верстапен во последната трка од сезоната во Абу Даби го однесе до 421 бод во генералниот пласман, два бода помалку од Норис.
Тимскиот колега на Норис, пак, Оскар Пјастри, ја заврши трката на второто место, што беше доволно за трето место во генералниот пласман со 410 бода.
Ова е првата титула кај возачите на Мекларен по триумфот на Луис Хамилтон во 2008 година. Мекларен претходно ја одбрани титулата кај конструкторите.
Зборувајќи за самата трка, Норис рече дека е целосно фокусиран, свесен дека непредвидени ситуации често се случуваат во Формула 1.
- Видовме многу пати дека сè може да се случи во Формула 1 и јас само продолжував да притискам до последните два или три круга кога можев малку да забавам. Сакав да се борам до крајот и тоа е она што го направивме. Тоа е она што мораше да го направиме оваа година со Макс, кој нè бркаше до самиот крај, со Оскар, кој се доближи на крајот, сигурно не ми го олеснија животот оваа година, додаде Норис.
На средина од трката, во 23-от круг, Норис направи агресивен потег околу возачот на Ред Бул, Јуки Цунода, кој сè уште не беше влегол во боксот за замена на гуми.
Цунода се обиде да му помогне на Верстапен во борбата за титулата, но на крајот му беа дадени дополнителни пет секунди за промена на насоката додека ја бранеше својата позиција.
Норис беше под истрага и во еден момент откако го заобиколи Цунода со излегување од патеката, но не доби казна.
- Нема многу луѓе во светот, па дури ни во Формула 1, кои имаат можност да го доживеат она што јас го доживеав оваа сезона и оваа година. Среќен сум за сите, повеќе отколку за себе, но едноставно сум луд од среќа. Мислам дека беше долго патување со Мекларен, девет години сум со тимот и поминавме низ многу тешки и добри времиња, заврши Норис.











