Портпаролот на Европската комисија за внатрешни работи Маркус Ламерт, денеска ја коментира гласната реакција и протести на превозниците од Западен Балкан кои започнаа со блокади на граничните премини со Европската Унија. Според него, новиот систем за влез и излез (ЕЕС) на Унијата не носи суштински промени во правилата за престој на професионални возачи во Шенген‑зоната.
– ЕЕС не воведува нови барања за престој – истакна Ламерт, додавајќи дека овој систем служи за подобро и поефикасно спроведување на веќе постоечките правила, а не за создавање бариери за работни активности на транспортните компании.
Според него, сè што прави ЕЕС е да го олесни систематското откривање на оние што престојуваат подолго од дозволеното.
Ламерт потсети дека според актуелните Шенген‑правила, државјаните на трети земји без виза имаат право да престојуваат најмногу 90 дена во период од 180 дена, а сè што надминува тоа мора да биде покриено со соодветна виза или дозвола од држава членка. Тој уште еднаш истакна дека ЕЕС не го менува овој режим, туку само автоматизира евиденцијата на влезови и излезови.
Во одговор на притисокот од сообраќајните здруженија и најавите за блокади на границите со земјите од Западен Балкан — вклучувајќи ги Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, Ламерт изјави дека Европската комисија јасно ги следи случувањата и е во контакт со партнерите од регионот за да ја разјасни примена на системот и да одговори на загриженостите.
Според европскиот службеник, правилата на Шенген „имунизират“ професионални групи како што се возачи со чести преминувања на границите, и обезбедуваат одредена флексибилност за оние со локални дозволи, па нема причина да се толкуваат како ограничувачки за работата на транспортните компании.
Оваа изјава доаѓа во време кога денеска превозниците започнаа масовни блокади на граничните премини со цел да укажат на проблемите што новиот ЕЕС систем ги создава, особено околу примената на правилото 90/180 за престој на професионалните возачи. Протестите предизвикаа прекини во товарниот сообраќај на граничните точки како Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран и други, додека патничкиот сообраќај се одвива нормално.
(С.Бл.)












