
Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, денес ги повика земјите-членки на еврозоната подобро да го комбинираат намалувањето на долгот со продуктивните инвестиции и да ги пренасочат јавните расходи кон образование, истражување и продуктивни инвестиции, со проценка дека, во спротивно, Европа ризикува да се заглави во спирала на фискална стагнација.
„Нивото на јавниот долг во еврозоната останува високо и мора да се намали“, рече Лагард во своето обраќање на европскиот состанок на Трилатералната комисија во Виена, објави денес телевизијата BFM.
Според неа, главниот предизвик не е тоа што владите генерално не ги следат буџетските правила, туку тоа што треба да стават поголем акцент на трошењето што го поддржува потенцијалниот раст и клучните стратешки приоритети, а воедно да ги подобрат своите јавни финансии.
Таа истакна дека само неколку земји во еврозоната, вклучувајќи ги Франција и Италија, ја користат можноста што ја нуди европското законодавство за продолжување на периодот на фискално прилагодување до седум години, под услов да инвестираат во структурни реформи и проекти за зголемување на продуктивноста.
Лагард предупреди дека недостатокот на инвестиции може да доведе до фискална стагнација, каде што мерките за штедење го ослабуваат растот, што бара уште поголема фискална штедење и може да доведе до маѓепсан круг. Таа, исто така, предложи обединување на одредени стратешки расходи на европско ниво, особено во истражувањето и развојот, со цел да се поттикнат иновациите, и во одбраната, со цел да се одвратат непријателските актери.











