
Во разговор со новинарите по седницата на Управниот совет на ЕЦБ во Франкфурт, Лагард рече дека е „уверена“ дека шефовите на држави и влади, на состанокот во Брисел, ќе се согласат за механизам за кредитирање на Киев, но предупреди дека не може да се очекува од ЕЦБ да го гарантира аранжманот.
„Сигурна сум дека постојат решенија што можат да се дискутираат и конструкции што можат да се разработат, но не е до централната банка да охрабрува или поддржува механизам во рамките на кој би биле поканети и однапред планирани да го прекршиме членот 123 од Договорот“, рече Лагард, објави „Политико“ од Брисел.
Лагард, исто така, нагласи дека земјите-членки не можат да очекуваат од ЕЦБ да потврди механизам што би вклучувал монетарно финансирање.











