Во „Литература.мк“ по првпат се одржа свеченото доделување на книжевната награда „Оливера Николова“ и се промовираше победничкиот роман „Џинџуџе“ од Ермис Лафазановски. Големото книжевно наследство на македонската писателка продолжува да живее преку наградата за најдобар необјавен роман за деца и млади, која го носи нејзиното име
Со многу емоции, сеќавања, но и со доза оптимизам и хумор, синоќа во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, само неколку дена по одбележувањето на една година од заминувањето на „мајката на сите македонски писателки“, се одржа свеченото доделување на книжевната награда „Оливера Николова“ за 2025 година и промоцијата на победничкиот роман „Џинџуџе“ од Ермис Лафазановски. Романот, во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина-публикации“, е збогатен со илустрации од Здравко Гиров.

На свеченоста пред присутните се обрати жирито во состав: Весна Мојсова-Чепишевска, Јагода Михајловска-Георгиева и Оливера Ќорвезироска (промотор на книгата), како и Јана Андреевска, ќерката на Оливера Николова.

„Мајка ми ја красеа многу убави епитети, но би издвоила еден, кој најмногу го поврзувам со оваа награда – нејзината непресушна љубопитност. Таа почина на 88-годишна возраст, но сè уште ја имаше младешката љубопитност и желба да учи и да се информира. Работеше на компјутер, самата електронски си ги плаќаше сметките, беше современа и постојано сакаше да стекнува нови знаења. Неуморно ги следеше своите веќе афирмирани колеги, но и со љубопитност откриваше нови имиња и непознати автори кои често ѝ праќаа ракописи за мислење. Таа беше неуморна во поттикнувањето на сите да пишуваат. Во тој контекст го гледам установувањето на оваа награда од страна на ‘Арс Ламина’. Ова не е само признание за она што го нарекуваме трајна вредност – нешто што таа ни го остави зад себе – туку и одраз, продолжување на нејзината определба да дејствува педагошки, иако никогаш формално не се занимаваше со подучување, ниту, пак, сметаше дека е родена за учителка. Со своите дела, мајка ми им даваше пример на сите – како треба да се живее животот, како да се твори и што вреди да се остави зад себе. На конкурсот за оваа награда пристигнаа 38 ракописи – бројка од која сум сигурна дека и самата Оливера ќе беше импресионирана. Верувам дека би била восхитена што наградата што го носи нејзиното име поттикна толку многу, познати и непознати, автори да создадат романи преку кои ќе растат сегашните и идните генерации читатели. Од нејзино име, ви честитам на сите. Знам дека ќе беше особено среќна што добитник на првата награда е токму Ермис Лафазановски – автор кого многу го ценеше, и како писател за возрасни, но и како човек. Сигурна сум дека ќе ѝ беше драго што ликовите во неговиот роман ‘Џинџуџе’ се современи, што приказната се одвива во сегашноста, но и што романот содржи референции кон фолклорни елементи. Мајка ми веруваше дека фолклорот може да живее преку призмата на современото и дека не треба да биде ставен во посебни рамки“ – рече Јана Андреевска.
„Џинџуџе“ е прво дело за деца и млади на Ермис Лафазановски. Станува збор за модерна бајка за потрагата по среќа, сместена во наше време и на наш простор. Бајковидноста и вештото, духовито реферирање на фолклорната традиција во романот се остварени преку два лика – еден џин и едно џуџе (односно едно огромно и едно ситно дете) – исправени пред предизвиците на современиот живот, обединети во т. н. „мол-култура“, како неизбежен факт на нашето време.

Лафазановски, по повод врачувањето на наградата изјави:
„Добивањето на наградата установена во спомен на Оливера Николова за мене претставува голема чест. Самото нејзино име предизвика интерес и поттик кај помладите, но и кај повозрасните писатели да продолжат да пишуваат за деца. Во овие времиња, всушност, воспитувањето на децата е тоа што ни остана за да се спасиме од духовно пропаѓање во иднина. Од таа гледна точка, сметам дека секоја книга за деца дава огромен придонес кон нашата иднина… Оливера Николова лично ја познавав – соработувавме и на професионален и на личен план. Памтам прекрасни моменти поминати со неа. Таа беше еден од столбовите на класичната и на модерната македонска литература. Верувам дека нејзиното дело допрва ќе биде подложено на нови читања и на тој начин ќе се создаваат различни мислења – не само за нашето минато, за кое таа пишуваше, туку и за времето во кое живееме и она што следува. Во таа смисла се чувствувам привилегиран што сум првиот добитник на оваа награда“.
„Џинџуџе“ е заедничко, уметничко име на двајца најдобри пријатели – џинот и џуџето – кои функционираат како едно суштество. Зближени по принципот на разлики и контрасти (едниот е огромен и силен, интелектуално инфериорен; другиот е ситен и немоќен, интелектуално супериорен), тие се досетливи акробати кои изведуваат точки со велосипед низ Скопје.
„При пишувањето на ум ја имав мислата дека: Крајот на уметноста ќе настапи тогаш кога луѓето веќе нема да можат да направат разлика меѓу доброто и лошото, убавото и грдото, вистината и лагата. Живееме токму во такво време – веќе не знаеме што е вистина, што е лага, што е убаво, а што грдо, особено што е добро, а што лошо. Според тие предвидувања, сега, метафорично, е крајот на уметноста. Но, хипотетички, ако се задржат категориите на убавото, вистината и доброто – тогаш уметноста ќе продолжи да живее. Јунаците во романот ‘Џинџуџе’ се токму во потрага по тие вредности… Сите вредности што сакам да ги видам во светот, ги преточив преку овие два лика, кои ги бараат вистината, убавината и добрината“ – додаде Лафазановски.

Наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади е установена на 11 март годинава, на денот на раѓањето на Оливера Николова – првиот без нејзино физичко присуство меѓу нас. Николова почина на 3 ноември 2024 година. На првиот конкурс пристигнаа 38 ракописи од 37 автори. Во најтесниот избор за наградата беше и романот „Сам во рој“ од Иван Дричко (псевдоним на Сашо Кокаланов).












