Според д-р Саџит Бхусри, ладната вода може да ја стимулира циркулацијата, што е клучно за снабдување на органите со кислород и со хранливи материи

Ладните тушеви и ледените бањи стануваат сè попопуларни во последниве години, а зад овој тренд стојат вистински физиолошки ефекти. За разлика од ледените бањи, ладниот туш е лесен начин да се обидете да го изложите вашето тело на ниски температури, а прашањето е колку му користи на вашето срце и кој треба да ја избегнува оваа практика. Според д-р Саџит Бхусри, ладната вода може да ја стимулира циркулацијата, што е клучно за снабдување на органите со кислород и со хранливи материи.

– Кога е изложено телото на студена вода, крвните садови во близина на кожата се стеснуваат за да ја задржат топлината. Откако ќе престане изложеноста, тие повторно се шират, предизвикувајќи наплив на крв кон површината и кон подлабоките ткива. Овој процес го подобрува протокот на крв и може да го направи циркулаторниот систем поефикасен – објаснува д-р Саџит Бхусри.

Оваа васкуларна гимнастика може да ја поддржи регулацијата на крвниот притисок, да го забрза закрепнувањето на мускулите и да придонесе за здравјето на срцето.

Кардиологот д-р Шила Сахни вели дека ладните тушеви може привремено да го забрзаат вашиот метаболизам со активирање на кафеавите масти, посебен вид маснотии што согоруваат калории за да создадат топлина.

– Овој процес може да му помогне на вашето тело поефикасно да ги користи шеќерите и мастите – вели д-р Сахни.

Подобрата чувствителност на инсулин и поефикасното трошење енергија може да го намалат ризикот од срцеви заболувања, но д-р Сахни нагласува дека сè уште нема доволно истражувања за да се потврдат долгорочните придобивки. Сепак, според д-р Бусри, студената вода може да го намали воспалението во телото со промена на рамнотежата на цитокините, протеини вклучени во имунолошкиот одговор. Ова би можело да помогне во спречувањето болести поврзани со хроничното воспаление, вклучувајќи ги и кардиоваскуларните заболувања. И покрај потенцијалните придобивки, ладните тушеви не се за секого.

– Ненадејниот студен шок може да предизвика зголемување на срцевиот ритам и на крвниот притисок, што може да биде опасно за луѓето со срцеви заболувања – објаснува д-р Бусри.

Доктор Сахни потврдува дека кај луѓето со блокирани артерии или со болки во градите, студената вода може да предизвика срцев удар или силна болка. Ако имате срцеви заболувања, ладните тушеви не се безбедни без одобрение од лекар.

За луѓето што сакаат постепена изложеност на студ, експертите советуваат да се започне со топол туш, потоа да се продолжи со постепено намалување на температурата, па со ограничување на изложеноста на студена вода на 20 до 30 секунди и наизменично на топли и на ладни интервали.

ИЗДВОЕНИ