Ладен бран од североисток викендов носи сув студ и температури до -10 степени: Еве какво време ќе имаме за новогодишната ноќ

379
Foto: Pexels

Викендов територијата на Македонија ќе биде под влијание на понатамошно спуштање на ладен воздух од североисток. Сепак овој ладен бран ќе биде сув и ќе донесе сув студ и многу ветровито време особено во недела (28 декември) кога повремено ќе дува силен ветер од северен правец кој во Повардарието и во југоисточните предели од Македонија повремено ќе достигнува брзина од над 70 км/час, најави Славчо Попоски.

Времето ќе биде ведро и сончево со мала локална облачност.

Наутро температурите ќе се спуштаат во интервалот од -7 до 1 степен а преку ден тие ќе се искачуваат во интервалот од 3 до 10 степени. Уште поладно утро ќе ни донесе денот понеделник 29 декември кога наутро температурите насекаде во Македонија ќе бидат под нулата и тие ќе се спуштаат во интервалот од -10 до -1 степен додека на високите места и на планините тие има услови да се спуштат и под -10 степени.

Во Скопје и околината викендов наутро температурата ќе се спушта во интервалот помеѓу -4 и -2 степени а преку ден таа ќе се искачува во интервалот помеѓу 6 и 8 степени. И во Скопје и околината викендов повремено ќе дува силен ветер од северен правец кој во делови од котлината повремено ќе достигнува брзина од 60 до 70 км/час.

Според најновото ажурирање на прогностичките материјали, Попоски прогнозира дека новогодишната ноќ и првиот ден од новата 2026 година (1 Јануари 2026 четврток) ќе ни донесе многу ладно време а тоа значи дека ќе бидеме под влијание на многу ладен бран од север и истиот ќе предизвика да дува засилен ветер од северен правец.

Исто така барем одсега гледано ќе имаме и врнежи кои ќе бидат претежно од снег и тие пообилни ќе бидат во западните предели од Македонија. Освен на повисоките места и на планините, помала снежна покривка ќе се формира и во повеќето градови од Македонија и тоа особено во западните предели.

Послаби врнежи од снег за време а новогодишната ноќ како и на првиот ден од новата 2026 година (1 Јанурари 2026 четврток) ќе има и во Скопје и околината и тие ќе бидат проследени со повремено засилен ветер од северен правец.

НАПОМЕНА: Се чекаат понатамошни нови ажурирања на прогностичките модели па токму поради ова можни се промени понатаму во оваа метео анализа, па затоа за да не настане забуна кај граѓаните препорачувам тие редовно да ги следат сите понатамошни нови и обновени метео анализи околу тоа какво време точно не очекува за време на новогодишната ноќ како и на првиот ден од новата 2026 година, прогнозира метеорологот.

ИЗДВОЕНИ