Да не му беа посветени овие четири дена на блузот, немаше да знам дека во Македонија се свири доста квалитетна блуз-музика. Не само тоа туку имаше и доволно публика за тој вид музика. А и изборот на местото каде што се одржа настапот беше одличен (клубот „Roosty“), тамам доволно да се видиш со сите, да направиш муабет без да се довикуваш. Некако има душа местото, дури и келнерите и шанкерите се на ниво на својата задача. Голем простор, кој и со тој распоред на маси може да собере над 500 посетители. Посетеноста беше навистина голема сите четири вечери.
Првиот ден (21 ноември), фестивалот го отворија домашните музичари од „Игиман бенд и Ади Имери“. Свиреа обработки на блуз-песни (Ерл Хајнс, Ти Боун Вокер, Џими Хендрикс…), и тоа доста квалитетно, тамам да ја загреат публиката за наредниот изведувач. А тој нареден беше Тони Холидеј, кој е од САД. Мултиталентиран музичар, кој и пее и свири. Во Скопје дојде со неколкумина музичари во класична блуз-постава, каде што се става акцентот на него и на неговата неверојатна способност да свири на усна хармоника. А отсвири боговски, донесувајќи ни го барем малку тој блуз-стил од Мемфис (роден е и долг период живеел во Мемфис), со понекоја примеса на кантри-музиката. Ни претстави дел од своите изданија (има издадено околу пет албуми). Имам подготвено посебно интервју со него.
Втора вечер (22 ноември). Први настапи „Рене сингс д блуз“ во полн состав. Битолчаните отсвиреа солидно. Веднаш по нив, „Моле пак“, кој во исто време го промовираше и своjот последен албум. Свиреше жестоко, иако имаше примеси на хард хеви-рок, сепак блузот му е доминантен. Трета вечер (26 ноември). Прво имаше гитарска работилница со гитаристот Павеза. А вечерта им беше посветена на македонските изведувачи на блуз и на кантри. Прв настапи Александар Пешевски. Сам со гитарата и публика, која најпосле дочека да го чуе во живо неговиот нов материјал. По нив, навистина пријатно освежување ни приреди „Елвис и ин д муд“, свирејќи обработки на песните на Џони Кеш. Музиката, пеењето атмосферата баш како да си во оние кантри американски салони, каде што сите играат и пеат. Прекрасна атмосфера, а публиката не престана да игра. Најдобар играч беше Ситна. Секоја чест на пејачот, има глас за вакви песни. Толку беа добри што публиката не ги пушти да си одат. И на крај на вечерта, ѕвездата од Прилеп – „Кросроад блуз-бенд“. Леле свирка, леле пеење и на пејачот и на придружните вокали, леле свирење гитара на лидерот, но и на целиот бенд! Вистински исконски блуз. Не за џабе ги нарекуваат некрунисани кралеви на блузот кај нас. Дури и Роберт Џонсон би бил задоволен од емоциите на групата што го носи името на една од неговите песни, всушност најважната негова песна.
Четврта вечер (27 ноември). Вечер посветена на „Норман Бекер трио“ и на „Хамилтон Луис бенд“. Норман Бекер доаѓа од Англија, поточно од Манчестер. Добитник е на неколку награди, но најважна, внимавајте сега, е наградата „Блуз хел оф фејм“, доделана во 2017 г., како на легендарен блуз-уметник од Англија. Неговиот глас, неговата гитара, неговите песни со неговиот бенд направија таква атмосфера што тешко може да се спореди со нешто слично. Прекрасен настап. За него, повеќе во моето интервју со него. И на крај, како најголема ѕвезда на фестивалот – Хамилтон Лумис со својот бенд. Човек што е номиниран за наградата „Греми“, човек што е жива легенда на нешто што се вика мешавина на блуз, рок, соул, дури и рокабили. Во моментов, можеби, најжесток гитарист во својата област, човек кому протеже му беше Бо Дидли. Има објавено неколку албуми со кои стига до првите топ-места на Билборд блуз-сцената. А ноќта, во живо, даде сè од себе, магично водејќи ја публиката низ својот репертоар. Дури и со малите проблеми околу педалот (кои бргу беа отстранети) успеа да има неверојатна свирка, да не поверува човек дека може некој така да свири гитара и во исто време да ги изразува емоциите преку неа. Можеби, најдоброто досега, воопшто од постоењето на фестивалот „Котон блуз“. Се гледа дека организаторите на овој прекрасен фестивал („Здружение Блуз- фамилија“ и целата екипа околу него на чело со Гого Паскалов, Игор Андоновски и другите) навистина се потрудиле сè да биде во ред. Ајде, в година уште поквалитетни музичари за да продолжи македонската публика да ужива.
Љупчо Давчев












