Квадрат стан во Албанија на море колку квадрат во Дојран

Голем интерес кај Македонците за купување станови во Албанија, пред сè поради пониската цена во однос на Грција, Грна Гора, Хрватска, но и поради близината. Од агенциите за недвижности очекуваат да продолжи трендот на купување станови на албанското приморје, кој започна пред две-три години и сè уште трае, и во наредните години. Велат дека во Албанија има голема побарувачка за станови, дека многу се гради и дека цените се пониски дури и од Охрид. Така, за 1.200 евра квадрат или за 37 илјади евра може да купите стан на море

3273

Албанија ја замени Грција во однос на интересот за купување станови на море. Македонците последниве години сè почесто ја избираат оваа дестинација за купување апартман, стан или вила, пред сè поради пониските цени. И покрај тоа што и таму се зголемени цените на недвижностите во однос на минатата година, што е во согласност со општиот тренд на пазарот, сепак, во Албанија може да купите стан од 45 квадрати на море за 50 илјади евра. Од агенциите за недвижности, кои ги контактираше весникот ВЕЧЕР, велат дека цените на становите зависат од локацијата, близината на морето, градот… Така, во Драч, Керет, Голем… може да се најдат станови за 1.200 евра за квадратен метар, а во Валона се нешто поскапи и се движат над 2.000 евра за квадратен метар.

– Цените на становите во Албанија се најниски во однос на Грција, Црна Гора, Хрватска и на другите држави во окружувањето што нудат станови на море. Најниски се цените во Драч, Керет и во Голем, каде што се движат од 1.200 евра, па нагоре. Додека во Валона, Саранда и во Ксамил се нешто повисоки и се движат од 2.000 до 2.500 евра за квадратен метар. Моментално, цените на становите во Албанија се пониски и од Скопје и од Охрид, каде што се движат од 1.800 евра за квадратен метар – велат од една агенција за недвижности.

Оттаму додаваат дека особено се истакнува Албанија како популарна дестинација за купување недвижности, поради примамливо ниските цени. Колку за споредба, во Грција цената за квадратен метар најчесто надминува 2.000 евра, во Црна Гора над 2.500 евра, а во Хрватска – над 3.000 евра. Поради тоа, оваа земја привлекува не само Македонци туку и други странски инвеститори, кои бараат поволни можности за купување недвижности на море.

– Има голем интерес од Македонците за купување станови во Албанија. Последниве две години, многу Македонци купија станови. Побарувачката за станови постојано расте, а најпривлечни градови за купување недвижности се Валона, Ксамил и Саранда – велат од агенцијата.

Игор Панчевски, генерален менаџер на агенција за недвижности што нуди станови за продажба во Албанија, потврдува за весникот ВЕЧЕР дека последниве две-три години има голем интерес кај Македонците за купување станови во Албанија и дека очекува да продолжи тој интерес.

– Нашата агенција во моментов работи со продажба на ексклузивни станбени комплекси, каде што цените се движат од 2.500 евра за квадратен метар, па нагоре, во зависност од локацијата, позицијата, големината и од поволностите што се нудат. Секако, најбарани станови што ги имаме во понудата се оние што се наоѓаат на самото крајбрежје, а особено се атрактивни градовите Валона, Саранда, Дерми Драч… – вели Панчевски.

На Интернет има агенции што продаваат нови станови во Албанија без данок, во луксузни комплекси со базени, хотели, ресторани, фитнес-центри… оддалечени само 200 метри од морето. Агенциите нудат и една ноќ бесплатен престој, со цел заинтересираните да го видат објектот во живо.

Освен станови, во Албанија може да се купат и вили, но нивните цени се над 100 илјади евра, бидејќи се работи за поголема квадратура со двор.

На интернет-страниците може да се најдат поволни понуди за купување стан во Албанија. Така, една од понудите беше стан во Шенгин од 35 квадратни метри за 37 илјади евра. Во Валона, стан од 66 квадратни метри чини 66.000 евра. Во една од најпопуларните туристички дестинации, Саранда, се нудат 97 квадратни метри за 110.000 евра, а малку поголем стан од 140 квадратни метри за 168.000 евра.

Многу Македонци имаат купено станови во Албанија, кои ги користат за одмор и ги издаваат. Од агенциите велат дека купувањето недвижности на море се покажало како доста добра инвестиција, која најбрзо се враќа. Особено искористија оние граѓани што купија станови и апартмани пред короната, кога беа цените многу пониски отсега.

Во последните години, освен Македонци, Албанија стана интересен пазар за купување недвижности и од страна на странците. Според податоците од Централна банка на Албанија, која ги пресметува овие текови како странски директни инвестиции во секторот за недвижности, во 2024 година странците купиле имот во вредност од околу 380 милиони евра. Од 2021 година, кога почнал странскиот интерес, главно на албанското крајбрежје, до март 2025 година странците купиле имот во вредност од околу 1,3 милијарди евра.

Учеството на инвестициите во недвижности во однос на вкупните инвестиции во земјата значително е зголемено. Во 2014 година, купувањето недвижности од страна на странци сочинувало само 5,7 отсто од странските инвестиции, додека во 2024 година се зголемил овој удел на 24 отсто. Рекордот е поставен во првиот квартал од оваа година, кога купувањето станови од страна на странци учествуваше со речиси 29 отсто од вкупниот тек на странски инвестиции во земјата.

(А.С.)

ИЗДВОЕНИ