
Чевртфиналната пресметка на Светското клупско првенство, помеѓу Баерн (М) и ПСЖ, заврши со триумф на францускиот гигант од 2:0.
ПСЖ поведе во 78-та минута преку Дуе, но Парижаните потоа останаа без Пачо и Ернандез во 82-та и 92-та минута поради црвени картони.
Со два играчи помалку, ПСЖ успеа да го постигне својот втор гол кога Дембеле во шестата минута од судиското продолжение ја затресе противничката мрежа.
За жал, на крајот од првото полувреме, играчот на Баерн, Јамал Мусијала, претрпе сериозна повреда. За време на борбата за топката, голманот на ПСЖ, Џанлуиџи Донарума, прв стигна до топката, но исто така го собори играчот на Баерн.
Иако Донарума сигурно немаше намера да го повреди Мусијала, тој доби остри критики од противничкиот голман, Мануел Нојер.
„Тоа беше ситуација во која не мораше да се влезе на тој начин. Тоа е преземање ризик. Тој беше спремен да го преземе ризикот да го повреди противникот. Знаеше дека е многу веројатно да се повреди“, рече германскиот голман и продолжи:
„По натпреварот отидов кај него и му реков: „Не сакаш ли да одиш да го видиш нашиот играч?. Прашање на почит е да одиш таму и да му посакаш се најдобро. Потоа тој го направи тоа. Фер-плејот е секогаш дел од тоа. Јас би реагирал поинаку.“
Сепак, неговиот колега од Реал (М), белгискиот голман Тибо Куртоа, сега застана во одбрана на голманот на ПСЖ.
„Веднаш помислив дека повредата е сериозна. Да се каже дека Донарума е виновен звучи претерано бидејќи ние голманите одиме по топката, исто како и напаѓачите“, рече тој, пред да продолжи:
„Голема штета е што оваа акција заврши така како што заврши. Мислам дека тој ја зеде топката, а Мусијала се повреди кога се сврте. Мислам дека е претерано да се обвинува Донарума. Тоа ќе го повреди и емоционално.“
„Очигледно е и јасно дека ќе критикувате ако нешто такво му се случи на вашиот соиграч“, додаде Куртоа.