„Куршуми над Бродвеј“ не е само приказна за една претстава што се раѓа во сенка на злосторството туку и прашање дали вреди да се жртвува човекот за уметноста или уметноста постои токму за да го возвиши човекот, посочува режисерот Ненад Витанов во програмската белешка за најновата претстава, која премиерно ќе биде изведена на 18 октомври (20:00 часот), на сцената на Драмски театар –Скопје
– Театарот е бојно поле. На една страна стои амбицијата: гладна, упорна, разголена. На другата страна стои човекот со своите слабости, љубови, пороци и стравови. „Куршуми над Бродвеј“ не е само приказна за една претстава што се раѓа во сенка на злосторството туку и прашање дали вреди да се жртвува човекот за уметноста или уметноста постои токму за да го возвиши човекот – посочува режисерот Ненад Витанов во програмската белешка за најновата претстава во продукција на Драмски театар – Скопје, која премиерно ќе биде изведена на 18 октомври (20:00 часот).
„Куршуми над Бродвеј“ е работена според текстот на Вуди Ален и Даглас Мекграт, а е во режија и адаптација на Ненад Витанов. Ова е четвртата премиера на Драмски за оваа година и, како што велат од оваа театарска куќа, се очекува да стане нова хит-претстава.
– Во претставата се работи за непринципиелната коалиција на уметниците и мафијата. Навидум, тие два света никогаш не би се сретнале, но во театарот сè е возможно, па возможно е да се сретнат и мафијаши и уметници и заедно да креираат уметничко дело. На сцената ја следиме приказната на младиот писател Дејвид, кој идеалистички го размислува и го креира своето дело, својата претстава. Но, неминовно тој треба да направи компромис со сите, и тоа не еден, туку неколку. А кога ќе почне да се погазува самиот себе, кога ќе почнат да се случуваат компромиси, настанува ерозија на човекот – истакна Витанов на прес-конференцијата по повод преттавата.
Тој додаде дека, инаку, се работи за многу „шармантно, духовито, забавно и луцидно дело, кое актерите и целиот тим што работел на претставата го изнеле на највисоко ниво“.
Во претставата играат 13-мина актери од Драмски театар и двајца актери од Факултетот за драмски уметности.
Улогата на драмскиот писател Дејвид Шејн ја толкува Игор Стојчевски, Јована Спасиќ е Оливија Нил, девојката на Ник и поранешна стриптизета, Сашо Тасевски го глуми гангстерот Чич. Во улогата на Хелен Синклер, актерска дива, ќе ја видиме Јелена Жугиќ, а Александра Павлова-Бубања е Елен, девојка на Шејн.
Роберт Вељановски го глуми ликот на Џулијан Маркс, директорот на бродвејскиот театар „Мороско“, а Александар Степанулески – Ник Валенти, шеф на мафијата.
Во претставата играат и: Предраг Павловски, Калина Наумовска, Златко Митрески, Дениз Абдула, Ања Митиќ, Игор Георгиев, Мартин Мазнев, и Енис Билаловиќ.
Стојчевски, кој го глуми драмскиот писател, за својот лик вели: „Ликот на Дејвид Шејн е еден идеалистички, донекаде невротичен лик, кој инсистира на еден концепт и уметнички интегритет. Не сака да промени ниту еден збор од својата драма за таа да стане покомерцијална и за да ѝ се додвори на бродвејската публика, но одејќи низ драмата, гледаме дека прифаќа еден по еден компромис. На почетокот кажува дека е застапник на идејата дека уметноста е над човечкиот живот и дека дури и би го жртвувал животот на некој човек за да ги спаси последните дела на Шекспир доколку би имало таква ситуација, но потоа, соочен со убиството поради таа иста уметност во реалниот живот, сваќа дека таа идеологија не му одговара. Мислам дека од заедничкиот процес што го имавме со колегите излезе претстава што долго време ќе се игра на репертоарот на Драмски театар“.
Сашо Тасевски, кој го игра убиецот за Коза Ностра, пратен во театарот да ја чува „спонзорушата“ (Олив Нил), бидејќи директорот на театарот е принуден да ја стави да игра една од главите улоги, пак, посочи: „Еден тип кој е убиец, кој го мрази театарот, сфаќа дека актерите, оптоварени со уметничкиот концепт во главата и со егоизмот, се извештачени и решава да им пренесе една филозофија со која ја врти целата приказна на глава. Тоа е она што го дава главниот заплет, кој е феноменален, а следува и многу возбудлив расплет“.
Своето задоволство од учеството во претставата и нејзиното создавање го истакнаа и другите актери.
Сценографијата во претставата е на Валентин Светозарев. Костимите се изработени по креација на костимографката Елена Вангеловска. Сценските движења на актерите ги подготви Маја Каревски. Инспициент на претставата е Гоце Бојчев, а суфлер – Жаклина Цветковска. (Д. Т.)