И во завршницата на минатата година продолжи растот на цените на становите, дури и со засилено темпо. Последно објавените податоци на Народната банка покажуваат дека во четвртиот квартал недвижностите поскапеле за 25% на годишно ниво, што ја потврдува долгогодишната тенденција на нагорно движење на цените на станбениот пазар.
Но, овој тренд не е изолиран. Во текот на целата година цените бележеа континуиран раст – од 19,5% во првиот квартал, 19,9% во вториот и 25,1% во третиот квартал. Индексот на цени на недвижности, кој Народната банка го пресметува врз основа на огласени станови во Скопје, укажува дека главниот притисок доаѓа од урбаните средини со најголема побарувачка.
Дека и покрај високите цени, градежната активност не забавува, говорат и податоците од Државниот завод за статистика. Лани во октомври биле издадени 446 одобренија за градење, од кои речиси две третини се за високоградба, со планирана изградба на над 1.100 нови станови. Ова укажува дека инвеститорите и понатаму гледаат простор за профит, потпирајќи се на стабилната побарувачка.
Од градежниот сектор, сепак, најавуваат можна стабилизација. Според Стопанската комора, цените на градежните материјали во 2025 година се стабилизирале, што може да влијае и врз продажните цени на становите. Очекувањата се дека во 2026 година понудата постепено ќе се приближи до побарувачката, особено во Скопје и регионите со зголемена трансакциска активност.
И податоците од Катастарот покажуваат дека елитните локации и натаму достигнуваат рекордни нивоа. Во општина Центар е регистрирана продажба од 3.000 евра по квадратен метар, што укажува дека сегментацијата на пазарот станува сè поизразена – со еден дел од пазарот кој станува недостапен за просечниот купувач.
Порастот на цените на становите ја засилува загриженоста кај граѓаните, особено кај младите семејства кои се обидуваат да решат станбено прашање. Податоците на Народната банка покажуваат дека растот е континуиран и дека најсилно е погоден скопскиот пазар. Млад скопјанец коментира дека цените на недвижностите растат побрзо од растот на платите, така што со неговите месечни примања и на неговата сопруга едвај можат да си дозволат стан од 60 квадрати. Тој вели дека цените на становите во новите згради се над над просечните семејни можности на граѓаните.
Други, пак, велат дека купување стан во градска средина преставува невозможна мисија, размислуваат да дојдат до кров над глава во некоја поурбанизирана приградска населба, иако и на периферијата становите стануваат се поскапи. . ,
Од градежниот сектор, пак, порачуваат дека растот е резултат на повеќе фактори – зголемени трошоци во изминатите години, силна побарувачка и ограничено земјиште во атрактивните зони. Андреа Серафимовски од Стопанската комора за МИА смета дека во следниот период може да дојде до смирување на пазарот.
– Очекуваме поголема понуда и веруваме дека 2026 година ќе донесе израмнување меѓу понудата и побарувачката, особено во регионите со најмногу трансакции – вели Серафимовски.
И покрај ваквите најави, податоците од Агенцијата за катастар покажуваат дека цените на најатрактивните локации и натаму растат. Продажбата на стан во општина Центар по цена од 3.000 евра за квадратен метар е јасен показател дека за дел од граѓаните сопствен дом станува сè потешко достижен.
(С.Бл.)












