Примената на новите правила за набавка на електрична енергија што ги воведе АД МЕПСО од 1 февруари веќе дава конкретни резултати. За периодот февруари – март 2026 година, цените за набавка на електрична енергија се пониски за 10 % во февруари и за 4% во март, во споредба со тој период лани.

Од операторот на електропреносниот систем во земјава велат дека новиот систем за набавка овозможува транспарентен и конкурентен пазарен пристап. Новата рамка нуди неколку клучни придобивки – флексибилна набавка во повеќе временски периоди – овозможува оптимизација на трошоците според дневните и сезонските варијации во побарувачката; поголемо учество на помалите производители – минимална понуда од 1 MW го отвора пазарот и го зголемува натпреварот, што влијае за пониски цени и сигурно покривање на системските загуби – правилата гарантираат дека загубите во преносната мрежа се покриваат со минимални економски трошоци.

Комбинирањето на пониските набавни цени со оптимизираниот пазарен пристап може да доведе до долгорочна финансиска заштеда и до поефикасно работење на системот. Со воведувањето на овој нов модел, АД МЕПСО ја зацврстува својата улога како современ оператор, кој ја следи европската енергетска регулатива, промовира конкурентност, транспарентност и рационално користење на енергетските ресурси.

 

 

ИЗДВОЕНИ