Кумановците што работеа за американски компании во базите во Ирак и во Авганистан бараат ревизија на решенијата за данок. Тие апелираат надлежните институции да ги земат предвид доказите за нивниот престој и нивната работа во странство, меѓу кои пасошите со гранични печати и потврдите од странски работодавци со цел, како што велат, да се утврди реалната даночна состојба. Нивното незадоволство произлегува од најавеното оданочување на приходите од странство, ретроактивно од 2020 година. Тие тврдат дека веќе бил платен данок за тие приходи преку компаниите со кои работеле во Авганистан и во Ирак и сметаат дека се соочуваат со двојно оданочување.
Од Управата за јавни приходи информираат дека не станува збор за нова регулатива, туку за обврска утврдена во Законот за данок на личен доход, според која даночните резиденти мора да ги пријават приходите од странство. Лицата што веќе платиле данок во странство ќе треба да достават соодветна потврда од надлежен орган, а Македонија има договори за избегнување двојно оданочување со 49 држави.
Засегнатите информираат дека веќе поднеле претставки до народниот правобранител, како и барања до повеќе институции, меѓу кои Управата за јавни приходи, Владата, Амбасада на САД во Северна Македонија и Советот на Општина Куманово, со цел системско решавање на проблемот.
Тие велат дека фирмите за кои работеле им пратиле документи дека е платен данокот, но велат дека надлежните не ги прифаќаат и бараат да одат во Авганистан и во Ирак да земат официјални документи од своите власти. Тие велат дека, како странски државјани, не можат да земат таков документ. Процедурата е многу сложена и затоа бараат Министерството за надворешни работи по официјални и службени канали да им ги обезбедат тие документи.
Општина Куманово, преку Секторот за даноци и такси, ги повика даночните обврзници најдоцна до 31 јануари да поднесат даночна пријава за утврдување данок на имот, како и пријава за комунална таксa, фирмарина.
Оваа законска обврска се однесува на сите физички и правни лица што во текот на 2025 година стекнале недвижен имот или започнале со негово користење, а не поднеле соодветна пријава.
– Решенијата ќе бидат изготвени на почетокот или на средината од март 2026 година, по што ќе следува нивна дистрибуција. Законот предвидува обврска секој граѓанин да поднесе даночна пријава во рок од 15 дена од стекнувањето или користењето недвижен имот, а истото важи и за правните лица во однос на комуналната такса – фирмарина – посочуваат од Секторот.
Оттаму информираат дека веќе располагаат со податоци од Централниот регистар, а решенијата за комуналната такса се во завршна фаза и се очекува да бидат генерирани до крајот на јануари. Ги повикуваат правните субјекти што се во процес на ликвидација навремено да се обратат до Секторот, со цел да се избегне издавање решенија и дополнителни административни постапки.
Од Општина Куманово потсетуваат дека непочитувањето на законските рокови за поднесување даночни пријави повлекува парични санкции согласно со Законот за даноци на имот.












