Владата, по изборите, ќе обезбеди 700.000 евра за реконструкција на спортскиот објект „Соколана“ во Куманово, најави премиерот Христијан Мицкоски при посетата на Куманово, каде што домаќин му беше градоначалникот Максим Димитриевски. Мицкоски му упати честитки на Димитриевски за сето она што го прави изминатиов период и најави заеднички проекти на Општината и на Владата, како што е обновата на „Соколана“.
– Ја користам оваа можност да им се заблагодарам и на советниците, на администрацијата што ја поддржува успешната работа на градоначалникот овде, во Куманово. Убеден сум дека таа ќе биде побројна во периодот што следува и дека ќе продолжи таа успешна соработка. За неговата работа како градоначалник, можев да се уверам и од оние сведочења во двата стопански објекта што ги посетивме претходно. Тие навистина кажаа, би рекол, исклучително вонредни позитивни коментари за тоа што сè прават Општината, градоначалникот и администрацијата за нивните инвестиции да бидат поуспешни. Така што заедно, Владата, Општината, градоначалникот, правиме исклучително добри работи и ќе продолжиме да правиме исклучително добри работи за Куманово – рече Мицкоски.
Тој им се заблагодари и на пратениците што доаѓаат од Куманово, што се борат Куманово да има проект повеќе што ќе биде финансиран од Владата.
– И јас навистина можам да кажам дека инспирира таквата борба. Ние, како Влада, ќе направиме сè што е во наша моќ да ги поддржиме овие иницијативи за да може кумановци да добијат што е можно повеќе проекти што ќе значат подобар живот и поквалитетен живот овде, во Куманово – рече премиерот.
Тој додаде дека од централниот буџет, за Куманово се финансирани проекти во вкупна вредност од 11 до 12 милиони евра.
– Такво нешто во општините не се случувало. Овие капитални инвестиции се токму во таа насока – да обезбедат подобар живот и подобри услови за живот на кумановци, како и на сите граѓани во Македонија. Повеќе за канализации, асфалт, патишта, булевари, улици, водовод итн. Така што ние сме горди на тој проект, бидејќи него повеќе од 350-400 милиони евра ќе завршат во општините, вклучително со другите програми на министерствата – рече Мицкоски.