Во Куманово почна поставувањето специјални контејнери за собирање отпад од текстил. Вчера беше поставен таков контејнер во детската градинка „Ангел Шајче“, објект „Синоличка“, а плановите се да се постават на 15 локации во Општина Куманово.

– Целта на оваа иницијатива е да се овозможи правилно и одговорно управување со текстилниот отпад, да се поттикне граѓанската свест за рециклажата, како и да се придонесе кон заштита на животната средина. Активноста се спроведува во соработка со колективниот постапувач со отпад „Еко ТЕКС-ГРУП“ ДООЕЛ – Скопје, регистриран во Министерството за животна средина и просторно планирање – велат од Општина Куманово.

Од Одделението за заштита на животната средина и природата ги повикуваат сите граѓани да се вклучат во оваа акција и да го фрлат непотребниот или оштетен текстил во специјалните контејнери наместо во мешаниот отпад.

– Отпадот од текстил ќе биде третиран согласно законските прописи и ќе се испраќа на понатамошна селекција и преработка – велат од општината.

ИЗДВОЕНИ