Куманово избира сувенир на градот за 2025 година

17

Општина Куманово избира најдобар сувенир на градот за 2025 година. Оттаму велат дека на овој начин ги поддржуваат идеите и автентичните трудови, со цел да придонесат кон креирање производ што ќе ги отсликува карактеристиките на градот, во насока на зголемена промоција.

– На овој начин се дава поддршка и мотивација за работа на дел од занаетите – потенцираат од Општина  Куманово.

Сувенирот мора да ги содржи елементите на препознатливост и да ги отсликува традицијата и културно-историските, духовни, материјални и природни богатства на градот Куманово, мора да биде приспособен за масовно производство и наменет за туристичка промоција на градот, треба да биде изработен од материјал, големина и боја според  замислата на авторот. За изработката на сувенирот, можат да се користат стабилни и еколошки прифатливи материјали, како што се: керамика, камен, метал, дрво, стакло, глина, гипс, текстил и друго.

– Идејната концепција, развојот и начинот на изработка на сувенирот,  техничките услови за изработка и материјалот од кој е изработен сувенирот треба да бидат текстуално образложени – информираат од Општина Куманово.

Крајниот рок за доставување на трудовите е 5.12.2025 година, до 15:00 часот. Од Општината ги покануваат сите заинтересирани  правни и физички лица да бидат дел од изборот.

Наградата за сувенир на Општина Куманово е една и изнесува 100.000 денари, со вклучен ДДВ. Првиот дел од износот од 30.000 денари ќе биде наменет за добитникот – за мотивацијата и за вложениот труд, а за вториот дел од наградата, добитникот на наградата, во потпишан договор со Општина Куманово, зависно од проценетата вредност на трудот, должен е да достави одредена количина од сувенирот, во износ од 70.000 денари.

Комисијата за избор на сувенир на Општина Куманово лани го избра сувенирот „Спортска сала Соколана Куманово“, со мотив „Да ја сочуваме“, дело на кумановската авторка Јелена Спасовски, приспособен за масовно производство, со цел да се користи за промоција на Куманово.

Авторката објасни дека за изработката користела срмен конец, жица, акрилна боја,ставена на тафт-подлога, во дрвена рамка. Таа тогаш кажа дека се инспирирала од „Соколана“, која е обележје на Куманово.

 

ИЗДВОЕНИ