-Сакав да покажам дека и во брз ритам може да се раскаже нешто што се чувствува, не само што се пее. Понекогаш токму тишината зборува најмногу. Оваа песна е за тој миг кога не ни треба ништо освен нечиј поглед за да знаеш сè, кога постои само тишина, вака објаснува Кумановецот за новата песна. Мартинијан Кириловски публиката одлично го знае по успешните настапи во шоуто “Ѕвездите на Гранд“, но и како некогашен победник на “Макфест“. И ако по секоја цена не го следи трендот, Мартинијан создава свој сопствен стил на пеење кој води кон квалитет.
А, Мартинијан и оваа есен впечатливо настапи на “Макфест“, со убавата песна „Без да кажеш збор“. Веднаш го сврте вниманието на публиката. Композицијата го потврдува автентичното пеење на шармантниот Кумановец, за кого сите велат дека има беспрекорна интерпретација. Како “варен“ за некој македонски Евровизиски натпревар, доколку тоа еден ден се случи.
Песната е дело на Илија Ќосевски, кој ги потпишува музиката, текстот и аранжманот.Со брз и динамичен ритам се прераскажува приказна која говори за најнежната љубов, онаа која не бара да се објаснува со зборови.
Видеото за овој потенцијален хит е снимено во ProLight-Studio во Скопје, под режисерска палка на Томислав Живковиќ. Во спотот се појавува моделот Евгенија Петрушевска од Max-Models, која внесе суптилност и енергија.
Самиот Мартинијан ја изведува песната со сигурност и емоција што потсетува на искуство далеку поголемо од неговите години. Со секоја нова изведба, тој покажува дека не го следи трендот, туку го создава својот сопствен пат кој води кон квалитет, искреност и уметничка зрелост.












