Физичките лица, даночни резиденти на Република Македонија, кои во текот на календарската 2025 година оствариле доход од работа од странство, се должни преку системот е-Даночни услуги да поднесат електронска пресметка за доход остварен од странство.

– Обврската за поднесување електронска пресметка постои без разлика дали данокот во странската држава е платен или не е платен. Даночните обврзници кои оствариле доход од странство имаат обврска да го пријават и заедно со пресметката да достават и соодветни докази, односно доказ за остварен доход и доказ за евентуално платен данок во странство – информираат од УЈП.

Пресметката за доходите остварени во текот на 2025 година треба да се поднесе најдоцна до 31 март 2026 година. Ненавременото исполнување на обврската може да резултира со дополнителни постапки и санкции согласно важечките законски прописи.

Кон електронската пресметка задолжително се прикачуваат соодветни документи, како што се потврда од исплатувачот, извод од банка, договор за извршени услуги, платни листи, потврди за исплатен доход, како и други релевантни документи со кои јасно се потврдува видот, износот и периодот на остварениот доход од странство, како и евентуално платениот данок во странската држава.

Во рамки на редовната меѓународна даночна соработка и размена на информации, Управата информира дека се поднесени 203 барања за информации до странски даночни органи за проверка на документацијата доставена од граѓани (најчесто од Куманово) кои во 2020 година преку американски компании остварувале доход од работа во Авганистан и Ирак. Овие активности се дел од механизмите за проверка на веродостојноста на податоците и обезбедување точност и транспарентност во даночниот систем.

Од Управата апелираат граѓаните навремено да ја исполнат својата законска обврска со цел правилно утврдување на даночната обврска и избегнување на дополнителни административни постапки и санкции.

 

ИЗДВОЕНИ