Кумановците што поседуваат хаварисани и отпадни возила, оставени на јавните површини, да ги пријават во Секторот за инспекциски надзор во Општината за да бидат отстранети на сметка на колективниот постапувач, апелираа од локалната самоуправа.
– Согласно со одлука за комунален ред на Општина Куманово, потребно е сите сопственици на неисправни, хаварисани и отпадни моторни возила, кои се оставени на јавна фреквентна површина, да се одјават во Одделението за управни работи – Куманово (на улицата ЈНА, бб). Со добиената потврда за одјава, граѓаните треба да се јават во Секторот за инспекциски надзор – Инспекторат при Општината, на улицата „Братство и единство“, број 18, Куманово (спроти градскиот стадион) за да бидат отстранети овие возила на сметка на колективен постапувач со хаварисани и отпадни возила – информираа од локалната самоуправа.
Доколку сопствениците на неисправните или на хаварисаните моторни возила, оставени на јавна фреквентна површина, не постапат согласно со оваа законска обврска, возилата ќе бидат отстранети од колективниот постапувач со хаварисани и отпадни возила, а трошоците за отстранување ќе бидат на сметка на сопствениците на неисправните возила.
Воедно, од Општина Куманово нагласуваат дека сопствениците на хаварисаните и отпадни моторни возила ќе се соочат со прекршочна постапка од соодветен орган.
Претходно, надлежните локални и државни институции (Општина Куманово, СВР Куманово, Секторот за инспекциски надзор – инспекторат, комунални дејности и координаторите на советничките групи на Советот на Општина Куманово) одржаа состанок на кој посочија дека ќе најдат соодветен начин да се отстранат возилата од јавните фреквентни површини.
Лани беше спроведена слична акција, но речиси да немаше интерес од граѓаните за отстранување.












