Министерството за култура и туризам е активно вклучено во изработката на новата Национална стратегија за соработка со дијаспората, чиј носител е Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во процесот учествуваат и други ресорни министерства и институции надлежни за областите опфатени со Стратегијата.

За улогата на културата и туризмот во овој процес кој е од суштинско значење говореше државниот секретар Марија С. Ѓоргова која истакна дека токму овие две области претставуваат природен мост меѓу државата и нашите иселеници ширум светот. Културата е клучна за зачувување на националниот идентитет, јазикот, традицијата и творештвото, а културните програми овозможуваат размена, дијалог и активно вклучување на дијаспората во меѓународната промоција на државата. Туризмот, пак, ја засилува оваа поврзаност преку поттикнување посети, партнерства и економска соработка, особено во сферата на културниот туризам.

Во рамките на изработката на Стратегијата, Министерството ги предложи клучните мерки за поддршка на културните иницијативи на дијаспората, развој на интеркултурни платформи, поттикнување на дигиталната трансформација во културата и проширување на можностите за учество на уметници и креативци од дијаспората во национални програми. Во наредниот период, Министерството ќе работи на создавање законски механизми кои ќе им овозможат на припадниците на дијаспората поголем пристап до програмите за финансиска поддршка, ќе се разгледаат можностите за посебен годишен повик за проектите на дијаспората и за воспоставување мрежи што ќе ги поврзуваат македонските уметници во земјата и во странство. Посебен акцент ќе биде ставен и на поддршката на културно-информативните центри во странство и отворање нови центри, како значаен сервис за дијаспората.

Истовремено, преку соработка со други институции и здруженија во странство, ќе се спроведуваат активности за развој на туризмот, особено во сегментот на културниот туризам, кој има голем потенцијал за промоција и меѓународна видливост на нашето културно наследство.

Министерството за култура и туризам останува целосно посветено на креирањето политики што ќе ги зајакнат врските со дијаспората што е значаен ресурс за одржлив развој и за градење просперитетна иднина на државата.

 

ИЗДВОЕНИ