Од 30 мај до 1 јуни ќе се одржи второто издание на студентскиот филмски фестивал „Хај-фај“ што го организираат во студентите од Факултетот за драмски уметности. „Хај-фај“ е меѓународна филмска платформа направена од студенти за студенти, која служи како отскочна даска за промоција на студенти од филмски катедри при нивното прогресирање кон професионалци.
Програмата за второто издание ќе започне на Академска сцена со „Meet the new kids“, настан посветен на запознавање со новата генерација филмаџии од ФДУ, а фестивалот официјално ќе биде отворен со настан кино на отворено – проекција на култниот филм „Хај-фај“, во режија на Владимир Блажевски на паркингот помеѓу ФДУ и Машински/Електро факултет.
Официјална филмска програма е распределена за 31 мај и 1 јуни на Академска сцена. Таа брои седум студентски кратки филмови, од кои два македонски и останатите на колеги од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина. По проекциите ќе следува разговор со авторите и македонскиот писател и филмски критичар Златко Ѓелески.
Годинава се доделуваат две награди – една од жири-комисија (Сашко Потер Мицевски, Радован Петровиќ и Сашо Кокаланов) и една од „Синедејс“ фестивалот на европски филм (селекција на победник кој ќе влезе во селекцијата на Синедејс 2025).
Во склоп на едукативната програма закажани се две предавања – „Casting 101“ со актерките Наташа Петровиќ и Сара Климоска, каде студентите ќе имаат шанса да се запознаат со кастинг-процесот од блиску. И предавање на тема „Раскажување приказни“ со режисерот Ѓорче Ставрески.
Во рамки на фестивалот закажана е и музичка Офф програма каде ќе настапи триото „Turbo хxx Club“ во петок и Александар Гроздановски – Herzel во сабота. Музичката програма ќе се случи во бифето на ФДУ. Влезот за сите настани е слободен.