По молкот на надлежните од речиси два дена во врска со тоа каде е судијата од скопска Апелација, Ѓоко Ристов, и шпекулациите дека е можеби избеган во некоја од соседните земји, од Обвинителството за организиран криминал и корупција објавија дека бил во ОЈОГОКК и оти му биле дадени на увид доказите што ги обезбедиле против него и со кои го товарат за две кривични дела и тоа: Противправно стекнување и прикривање имот и Перење пари и други приноси од казниво дело. За двете дела кои произлегоа по акцијата во која, во ѕидот од семејната куќа на Ристов во Неготино беа пронајдени соѕидани 350.000 евра за кои се сомничи дека ги стекнал незаконски, се пропишани затворски казни од над пет години, односно за првото максималната е 8, а за второто дело 10 години затвор. Сепак, она што наиде на реакција во јавноста беше барањето куќен притвор за судијата од страна на обвинителката.
– Ценејќи ги објективните услови што е потребно да бидат исполнети за определување мерка за обезбедување присуство, како и субјективните што ја оправдуваат мерката, на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје јавниот обвинител му достави предлог на осомничениот да му биде определена мерка куќен притвор. Освен оваа мерка, предложено е и определување мерка на претпазливост – привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање, соопштија од Обвинителството за организиран криминал, без да прецизираат кои се субјективните причини со кое го оправдуваат барањето за домашен притвор.
Со оглед на тоа дека станува збор за судија,попладнето Судскиот совет на итна седница зад затворени врати одлучува за одземање на неговиот имунитет и барањето за домашен притвор.
– Советот одлучува за одземање имунитет на судија во случаи утврдени со закон, на седница на Советот со најмалку седум гласа на членовите на Советот со право на глас. Советот на седница одлучува со најмалку седум гласа од вкупниот број на членовите на Советот со право на глас по барањето за одобрување притвор на судија, односно по известувањето дека судијата е притворен. Постапката во која Советот одлучува за одземање на имунитет на судија е итна и се спроведува во рок 24 часа од доставеното барање, односно известувањето за притвор – се вели во Законот за судски совет.
Не е прв пат Судскиот совет да одлучува по имунитет на судија. Пред две години, тоа се случи за врховниот судија Наќе Георгиев кој, пак, беше осомничен за примање награда за противзаконско влијание. Тој се спогоди со Обвинителството и доби три години затворска казна и забрана за вршење на професијата. Дали и случајот со Ристов ќе добие сличен епилог, сè уште е рано да се зборува бидејќи предметот е во предистражна постапка, велат блиски извори на ВЕЧЕР со одбраната и апелираат на почитување на начелото на презумпција на невиност. Неофицијално, судијата не дал исказ пред јавниот обвинител кој му ги предочил собраните докази за кривичните дела за кои се сомничи. И тоа: „Перење пари и други приноси од казниво дело, односно тој што ќе пушти во оптек или промет, прими, преземе, замени или раситни пари или друг имот што го прибавил со казниво дело или за кој знае дека е прибавен со казниво дело, или со претворање, промена, пренос или на друг начин ќе прикрие дека потекнува од таков извор или ќе ја прикрие неговата локација, движење или сопственост, ќе се казни со затвор од една до десет години. Како и кривичното дело во кое службено лице, кое спротивно на законската должност за пријавување на имотната состојба или нејзина промена ќе даде лажни или непотполни податоци за својот имот или имотот на членовите на неговото семејство, кој во големи размери ги надминува неговите законски приходи, сторителот ќе се казни со затвор од една до осум години и со парична казна“.
Клопчето за судијата од скопска Апелација почна да се одмотува со притворањето на адвокатот Фехми Стафа, на 14 декември, поради сомненија за кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание. Поранешниот правобранител барал 50.000 евра од семејство на обвинет за влијание кај судијата Ристов. Во текот на еден месец, истражните органи спровеле опсежна истрага која резултираше со откритие на голема сума пари соѕидани во ѕид во семејната куќа на судијата во Неготино. Неофицијално, последниве десетина дена Ристов земал боледување, а адвокатите кои присуствувале на неговите последни судења, за ВЕЧЕР раскажуваат дека не бил истиот човек, изгледал уплашено и не разговарал со останатите членови од Судечкиот совет.
Јавноста го познава судијата Ристов по неколку големи случаи од областа на криминалот и корупцијата, како „Шпиун“ и „Метастаза“. Од позиција на апелационен судија донесе одлука за застарување на предметот „Титаник 2“, во кој беше обвинет поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков. Бизнисменот Фијат Цаноски јавно го обвини за судско злосторничко здружување за намерно застарување на случајот „ТНТ“ за уривање на комплексот „Космос“ во 2011 година. Тој го обвини судијата Ѓоко Ристов од Апелација дека намерно го одолговлекувал случајот.
Ристов бил избран за судија во 2008 година, а унапреден во Апелација во 2020 година. До Антикорупциската комисија нема поднесено анкетен лист за имотна состојба. (П. А.)












