Публиката, која како во „конзерва сардини“ го исполни кумановскиот плоштад, песните ги пееше веднаш тука, по првата изведба, затоа што рефрените се хитовски. А, текстовите шегобијни, да те „заболи“ стомакот од смеење. Како тогаш да не бидат прифатени на првото слушање! Ретко кој фестивал може да се пофали дека вакво нешто му поаѓа од рака!
(Дуле Миќиќ)
Ете, така и ние сосе фестивалот добро се „тумбавме“, во позитивна смисла на зборот, а фестивалот е токму тој, викендов штотуку завршениот „Тумба-фест 2025“ во Куманово. Сосе новите 18 шегобијни македонски песни. Испеани од многу македонски пејачки ѕвезди (Нино Величковски, Јованка Јо, Ѓорѓи Ѓорчев, Коста Наумовски, Ташко Каранфиловски, „Амигоси“, Кате Брезева со „Соната“, Лилјана Прнаркова, Дарко Стојаноски, Боби Амадеус…) па, и од оние иако помалку познати, а кои беа сосем на нивото на својата пејачка задача.
Судејќи според реакциите на публиката, која масовно како во „конзерва сардини“ го исполни кумановскиот плоштад, песните ги пееја луѓето веднаш тука, по првата изведба, затоа што рефрените се хитовски. А, текстовите шегобијни, да те „заболи“ стомакот од смеење! Како тогаш да не бидат прифатени на првото слушање! Ретко кој фестивал може да се пофали дека вакво нешто му поаѓа од рака. На „Тумба-фест“ и на вредниот директор Драган Јаким тоа им успева секоја година. Така и оваа. Хит до хит!
Иако, ние, по наш вкус би ги издвоиле: „Не е злато сè што сјае“, која маестрално ја испеа доајенот Ѓорѓи Ѓорчев, а за која би рекле дека како таква може слободно да се натпреварува и на „Сплитскиот фестивал“ со оглед на медитеранскиот шмек што го има песната. Тука е и навистина многу шегобијната „Пазарџии“. Авторите на оваа песна познатите имиња Ристо Вешков, Љупчо Бубо-Каров и композиторот Ристе Тушевски создадоа своевидна химна на луѓето на кои работниот ден им поминува на пазарите каде се случуваат најразновидни смешни ситуации.
–
Сега испеани во песната. И кој би можел да пее нешто моќно шегобијно, ако не вистинскиот за таквото ремек-дело, а тој е штипјанецот Раде Рогожаров. Така и беше на сцената. Целиот плоштад рипна на нозе забавувајќи се со Рогожаров, кој како позитивно „попарен“, за три-четири минути направи „фешта“. Останува да видиме дали „Пазарџии“ догодина ќе биде прогласена за најслушаната фестивалска песна!
Инаку, фестивалот е од ревијален карактер што значи дека нема од оние официјални први, втори и трети награди до публиката и жирито. Така е и подобро. Освен само две. Едната е за Најслушана песна помеѓу два фестивала. А, тоа е песната „Неста Ресенска“ со маестралниот интерпретатор Ташко Каранфиловски, кој и самиот е по потекло од Ресен. Интересниот текст е дело на познатата новинарка Валентина Парго.
Другата награда е за Животно дело. Таа заслужено му припадна на легендарниот композитор и еден од основачите на фестивалот, Миле Барбаровски, а кој на овој фестивал со години има многу свои авторски песни што се паметат и пеат. Ова значајно признание на Барбаровски му беше врачено од страна на Ивана Ѓорѓиевска, претседателката на Советот.
Песните на „Тумба-фест“ и годинава не се пееја само на кумановски дијалект, туку и на сите останати македонски дијалекти. Тоа е уште една убавина на фестивалот. Организаторот, здружението „Етноризница“ од Куманово (со поддршка на општината и Драган Јаким), се покажа како врвен професионалец. Не фалеше ништо за што би можеле да им негодуваме на грижните кумановци-домаќини.
Дури и дружењето меѓу учесниците и новинарите, по официјалниот дел, организирано со богато јадење и пиење, во преубавото „Етносело“ кај газда Горан, многу спонтано се развлече до раните утрински часови. И потоа сите среќни, распеани, со гушки и меѓусебни бакнежи се разделија велејќи си дека одвај ја чекаат наредната година и новото издание на шегобијниот „Тумба-фест“.
(Забрането е копирање на овој текст и овие фотографии, како и нивното објавување на други портали)