На шестото издание на Флипбук Филм Фестивал кој се одржa од 7ми до 10ти август годинава во Кинотеката на Македонија беа прикажани 120 филмови во главната, студентската, селекцијата на анимиран докуметарец, на анимирани музички видеа, европската панорама и специјалната програма од жирито.

Жирито на главната и селекцијата на анимиран документарен филм во состав Михаи Митрица од Романија, Весела Данчева од Бугарија и Ана Недељковиќ од Србија, ги наградија следните филмови: наградата за најдобар анимиран филм во главната селекција е за филмот „Kуче осамено“ на португалската режисерка Марта Реис Андраде, за трогателното кинематографско искуство, кое ги прикажува осаменоста и емпатијата на личен начин, кулминирајќи во совршена рамнотежа на визуелни метафори.

Специјални признанија добија филмовите „Нема место“ и „Како“ на хрватските режисери Јелена Ороз и Марко Мештровиќ. Жирито за филмот на Ороз вели дека резонира со сите возрасти, обраќајќи се на важна еколошка тема раскажана на многу личен, креативен и забавен начин. Филмот „Како“ преку поетски пристап претставен со силен визуелен стил го води гледачот низ егзистенцијално патување. Во селекцијата на анимирани документарци главната награда ја доби „Дедо има скршено око, а мама е авантуристка“ на норвежанката Марита Мејер, за претставувањето на сериозен проблем низ очите на неколку деца на многу колоритен и оптимистичен начин. а специјално признание доби германскиот филм „Саарвокадо“ на Виктор Ороско Рамирез за експерименталниот пристап во кој комбинира фотографија, анимација и видео материјал за да претстави личен поглед на историските настани и светот денес.

Жирито на студентските филмови и анимираните музички спотови во состав Никола Мајдак од Србија, Иван Богданов од Бугарија и Лиџа Соаре од Романија, наградата за најдобар студентски филм му ја додели на македонскиот филм „Мајчински инстинкти“ на Ема Зафировска, филм кој успеvа во една посебна ситуација да изнесе различни универзални аспекти на тоа што значи да се биде човечко суштество. Специјални признанија од жирито добија хрватскиот Аракнофобија, за употреба на одличен тајминг, прекрасна динамика, чувство за хумор, анимациска техника, „Лушпа“ на Нан Тунг Лин за возбудливите филмски секвенци, каде што чинот на лупење станува чин на лекување и „Да живее кралот на патките“ на Томи Хоулет.

Наградата за најдобар анимиран музички спот ја доби „Паулиња“ на Ана Марта Мендес, а специјално признание доби „Џули“ на Дафна Голан. Наградата за најдобар филм со еколошка порака која секоја година ја доделува организацијата Еко свест, ја доби филмот „Анима Натура“ на естонката Андреа Гудињо. Годинешното издание на Флипбук Филм Фестивал е поддржано од Агенцијата за филм на Македонија, организацијата Еко Свест и Кинотеката на Македонија.

ИЗДВОЕНИ