Душица Перишиќ, извршна директорка на ЗЕЛС, потврди дека возилата што ги употребуваат дел од противпожарните друштва се многу стари, некои и по 40 и 50 години и сите се од различен производител, а оние поновите се донирани од странски амбасади и други донатори. – Таквите возила се технички несоодветни или нестандардизирани за наши услови. Така, имаме возила со возачот на десната место на левата страна, приклучните механизми не се соодветни на нашиот надворешен систем, па мора да се приспособуваат – вели Перишиќ. Според неа, во Македонија има двојно помалку пожарникари од законски пропишаното, а нема ниту тренинг-центар
Триесет и четирите противпожарни единици во Македонија располагаат со околу триста возила, од кои половината се постари од 30 години, а најстарото е од 1966 година. Според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), просечната старост на противпожарните возила во земјава е 27 години и само 15 отсто од противпожарните возила се произведени во последните 10 години.
Најстари возила, со просечна старост од 39 години, има новоформираната противпожарна единица во Старо Нагоричане, а следна, со просечно стари возила од 38 години, е единицата во Кратово. Валандовската противпожарна единица е со возила со просечна старост од 36 години, а таму е и најстарото противпожарно возило, камионот ТАМ од 1966 година. Најнов возен парк имаат противпожарните единици во Велес и во Штип, чии возила се стари просечно по 12 години. Четири противпожарни возила се само една година понови, и тоа: два „мерцедеса“ на Македонска Каменица и на Битола, и по еден ТАМ и ФАП на Крива Паланка и на Демир Хисар.
Душица Перишиќ, извршна директорка на ЗЕЛС, потврди дека возилата што ги употребуваат дел од противпожарните друштва се многу стари, некои и по 40 и 50 години и сите се од различен производител, а оние поновите се донирани од странски амбасади и од други донатори.
– Таквите возила се технички несоодветни или нестандардизирани за наши услови. Така, имаме возила со возачот на десната место на левата страна, приклучните механизми не се соодветни на нашиот надворешен систем, па мора да се приспособуваат. Друг проблем е опремата на пожарникарите. Ова го имаат увидено и странските донатори и амбасади – истакна Перишиќ на конференцијата во Скопје „Заштита на објекти од пожар и претставување на работата на техничкиот комитет ИСРСМ ТК 46“ во организација на Институтот за стандардизација на РСМ и на Техничкиот комитет ИСРСМ ТК 46.
Според неа, срамно е некој отстрана да ни помага кога имаме и знаење и средства за тоа. Перишиќ вели дека од ЗЕЛС испратиле прашања до 34 општини што имаат противпожарни единици, да посочат кои им се потребите.
– Во септември ќе имаме состанок за да организираме која амбасада што ќе донира, иако, за мене, тоа е ужасно срамно. Централната власт треба да се погрижи за делот што им припаѓа ним, а тоа е ЦУК и ДЗС повеќе да се координираат – истакна Перишиќ.
Не само што нема доволно и понови возила, противпожарните служби кубурат и со пожарникари. Вкупно се 400 на број, а потребни се двојно повеќе, бидејќи стандардите велат дека на секои 1.500 жители е потребен по еден пожарникар. Според истражувањето на ЦГК, помалку од законски предвидениот минимален број пожарникари има во 16 од 34. противпожарни единици во земјава, а најмногу пожарникари, повеќе од 200, му недостигаат на главниот град, Скопје. Скопската единица има 190, а треба да има 405 пожарникари. Следни се Куманово, каде што има 33 пожарникари помалку отколку што пропишува законот, Битола, со 21 пожарникар помалку и Тетово, на кое му недостигаат 17-мина пожарникари.
Перишиќ посочува дека во Македонија нема тренинг-центар за обука на нови пожарникари.
– Само како пример ќе ви го споменам случајот што ни се случуваше во неколку општини: распишуваат конкурс за пожарникар. Се јавуваат четворица, петмина, а се бара еден. Одбиените пријавени се жалаат, затоа што нема основ по кој ќе го изберете новиот пожарникар. Нема граница, нема квалификација, нема стандард. Мора да обезбедиме тренинг- центар каде што ќе се обучуваат новите пожарникари – децидна е Перишиќ.
Таа посочи дека во Агенцијата за шумарство немаат свои пожарникари, па сакаат да ги користат пожарникарите од локалната самоуправа.
– Што е малку чудно, бидејќи најголем број од пожарите сега, во лето, настануваат во шумите – додаде Перишиќ.
Државниот секретар во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Горан Јовановски, посочи дека сѐ почесто гледаме инсталации на фотоволтаични системи на покривите на домовите, индустриските објекти, па дури и на јавните згради и дека треба да се води поголема сметка на безбедноста на овие објекти.
Се крчкаат построги стандарди за заштита и безбедност на угостителските објекти
Изминативе неколку години, сведоци сме на големи трагедии предизвикани од неспроведувањето на стандардите за безбедност и заштита од пожари. Според заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, овие трагедии биле резултат на законски нормативи полни со недоречености, недостиг на контролни механизми за спроведување на постојните пропишани регулативи и стандарди за безбедност, лоша координираност на институциите, но и низок праг на стандарди за давање дозволи за работа во дејности или објекти.
Тој најавува дека се крчкаат измени на закони и на правилници со кои ќе се воведат построги и повисоки стандарди за заштита и безбедност за сите физички и правни субјекти што ќе се занимаваат со угостителска дејност. Според него, измените ќе ја зголемат координацијата меѓу институциите и ќе се зајакнат контролите и механизмите на државата.
(С. Бл.)