Полицијата и Јавното обвинителство спроведоа обемна акција против организирана криминална група осомничена за сериозна корупција и злоупотреби во јавни набавки. Во рамки на истрагата се поднесени кривични пријави против 33 лица и две компании, а 11 лица се уапсени. По уште две лица се трага.
Акцијата се одвивала во текот на ноќта меѓу средата и четвртокот на повеќе локации во Скопје и околината, како и во Куманово, Неготино, Велес, Пехчево, Пробиштип и Кочани. Со акцијата раководел јавен обвинител од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Според истрагата, групата била формирана во текот на 2023 година со цел да се изигруваат постапки за јавни набавки, да се злоупотребува службената положба и да се перат пари. Во криминалната шема биле вклучени службени лица, приватни фирми и други кои, како што се сомничи, заеднички дејствувале за да извлечат финансиска корист.
Клучниот сторен криминал се однесува на јавна набавка за таканаречени СКАД ормари – опрема за мониторинг на топлински станици, наменета за ЕСМ Дистрибуција на топлина. Според обвинителството, техничките услови за набавката биле однапред договорени за да одговараат на одредена фирма од Скопје.
На јавниот оглас формално се пријавиле две компании – една од Скопје и една од Куманово. Фирмата од Куманово поднела нецелосна и поскапа понуда, додека скопската фирма доставила понуда речиси идентична со проценетата вредност на набавката, иако таа вредност не била јавно објавена. На тој начин, договорот бил доделен однапред договорено.
Со ваквата постапка, скопската фирма, според истрагата, остварила противправна корист од над 7,6 милиони евра, на штета на буџетот на ЕСМ Дистрибуција на топлина.
По добивањето на парите, дел од осомничените, во периодот од 2023 до 2025 година, вршеле низа финансиски трансакции со цел да го прикријат потеклото на средствата. На тој начин, како што се наведува, биле „испрани“ повеќе од 2 милиони евра.
Истражните органи најавуваат дека постапката продолжува, а за дел од осомничените ќе биде побарана мерка притвор. (П.А.)












