Кривични пријави за измама и давање лажен исказ за превоз на ученици во Тетово

Наплатиле околу 280 илјади евра преку незаконско фактурирање

21

СВР Тетово поднесе кривични пријави против двајца и против две фирми од Тетовскиот Регион поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела измама и давање лажен исказ, поврзани со незаконско фактурирање за превоз на ученици, и покрај истечени договори со средни училишта во Тетово.

Во првиот случај, поднесена е кривична пријава против М. З. (46) од Тетово и против правно лице – транспортно претпријатие од Тетово. Според полицијата, во текот на септември и на октомври 2024 година, пријавените, иако биле свесни дека бил истечен договорот за превоз на редовни ученици склучен со средно училиште во Тетово, без правен основ, изготвиле и доставиле фактури во вкупен износ од 15.034.110 денари, со намера да наплатат средства од училиштето.

Откако надлежните служби во училиштето не биле доведени во заблуда и не извршиле исплата, пријавените, според СВР Тетово, дале лажен исказ кај нотар и ги доставиле истите фактури со барање да биде изготвен предлог-решение за нотарски платен налог, кој бил донесен.

Во вториот случај, СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ќ. Ф. (59) од селото Шемшово и против правно лице од тоа село. Како што информира полицијата, тие во септември и во октомври 2024 година, иако знаеле дека бил истечен договорот за превоз на ученици со средно училиште во Тетово, на 10 јуни 2025 година, без правен основ, изготвиле фактури за двата месеци, во вкупен износ од 2.152.447 денари.

Фактурите биле доставени до надлежните служби на училиштето со намера да се изврши наплата, а пријавените, според полицијата, повторно дале лажен исказ кај нотар, барајќи изготвување предлог-решение за нотарски платен налог.

Од СВР Тетово информираат дека со поднесените кривични пријави, случаите се доставени до надлежното Јавно обвинителство за понатамошна постапка. (П.А.)

 

ИЗДВОЕНИ